„Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ е новата книга во издание на издавачката куќа „Арс ламина“. Фотомонографијата ги сублимира сознанијата и знаењата добиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмска и музејска костимографка.
– Повикувајќи се на големите студии на Ѓорѓи Здравев за македонските народни носии, на Воислав С. Радовановиќ, кој се фокусирал на раскошноста на мариовската носија и на неколкумина други македонски стручни лица, етнолози, и потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник што го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес. Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата – вели издавачот.
Во публикацијата се вклучени два предговора, од професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева и од етнологот и кустос-советничка во НУ Завод и музеј – Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои го воведуваат читателот во содржината на монографијата преку различни визури на нивните професии.
Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е модна креаторка, костимографка, авторка и новинарка. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимографка за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмскиот театар, Кумановскиот театар, Битолскиот театар, Театарот на националностите, театарот „Пралипе“ итн.). Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонските дневни и периодични изданија („Починка“, „Екран“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Журнал“, „Просветена жена“ и др.), а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“. По пензионирањето, Тодорова-Младеновиќ реализира околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како и во Археолошкиот музеј во Скопје.С.Ј.