Од творештвото на поетот Перо Миленкоски
Современиот македонски поет за деца и млади Перо Миленкоски, целиот свој живот им го посветил на најмладите. Со нив другарувал најпрвин со дневник в рака десетина година, а потоа и со перо како новинар во „Нова Македонија“ триесет години, од кои дваесет и три во „Колибри“ како соработник и уредник. Автор е на пет поетски збирки. Неговата поезија најчесто е лирски обоена и прифатлива за компонирање. Во овој број на „Колибри“ на своите читатели им подарува букет од стихови посветен на мајката по повод Осми март.
Мајка ми
Кон полето од селото –
со ѕвезда на челото.
Нивата желно ја чека,
земјата ровка и мека.
Довечер мотиката пее
кај булка се злати и смее.
Пладневен одмор
под сенките
и пак ракување со пченките.
Види ја Виданка
– си велат соседите
и ја поздравуваат
со погледите.
Прво сонцето на одмор
го праќа,
потем кроткум дома се враќа.
Како мравка вредна
и за почин жедна!
Благодарност
На прозорец
ветерот бие,
небото сиво
снегулки роси.
Денот нов подава раце. Зора.
Во топла соба
детенце спие –
шарено коњче негде
го носи,
в некоја цветна
далечна гора…
Над него мама
без почин бдее,
в срце си крие и бол
и надеж
и жед ја мачи за сон тих, мирен…
И, ете, синот
отвора очи,
на лицето топол насмев му свети,
од очи силна љубов
му зрачи,
мама ја гледа,
во среќа цвета,
рачиња мали
за преграт шири:
О, мамо мила, о, мамо драга!
Од сѐ на светов помила си ми!
Твојата грижа ми врати снага – благодарност, мама,
безмерна прими.
Бескрајно среќна мамасе смешка,
помина веќе грижата тешка!
Цвет во мајчиното срце
– Ти дојдов со чекор
на најлесна срна,
се топиш во песната
на моите стапки.
И додека долго и топло
ме грнеш
насмев ти точам
– бисерни капки.
За твојот празник
– безмерна љубов,
честитки, песни,
букет од цвеќа.
И силна желба за живот убав,
крај мене, мамо, ти да си среќна.
– На моево рамо почини си, дете,
потем на играта пак ќе ѝ се вратиш.
А во мене еден цвет најнежно ќе цвета,
Еден нежен цвет ќе мириса и ќе се злати
Ѓердан од љубов
Си гушка мајка дете,
ѓердан од љубов му плете.
Поздрав им праќа птица,
сонце им гали лица.
Си гушка дете мајка
како во прекрасна бајка.
Средба што носи
среќа,
Роса за најнежни
цвеќа.
Им блика радост
в очи,
им гори в срце
без почин.
И синот честитка шепне,
нежно ко ѕвезда
што трепне:
– Езеро бистро
срцево ми е
со сини сончеви води,
љубовта моја
за тебе мајко
ко кајче низ него
броди.