Да се биде првиот што направил нешто е многу добро во оваа лига, но главната работа секогаш е да победам, вели Џејмс, кој сега има вкупно 40.017 поени. „Не ме обзема бројката сама по себе, само треба да се восхитувате на континуираната големина“, рече Мелоун, тренерот на Денвер, кој помина пет сезони со Џејмс како помошник-тренер на Кливленд

КОШАРКА – НБА

Најдобриот стрелец на сите времиња во НБА-лигата обезбеди уште една импресивна бројка во својата кошаркарска кариера. Членот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс (39) стана првиот кошаркар во НБА-лигата со постигнати над 40.000 поени во регуларниот дел од сезоните. Тоа го стори на натпреварот дома со Денвер. Џејмс ја надмина таа бројка со поени на 10,39 минути до крајот на втората четвртина од натпреварот (сега вкупно има 40.017 поени).
Џејмс оствари 26 поени и девет асистенции во поразот со 114-124. Иако Џејмс стана најдобар стрелец на сите времиња пред нешто повеќе од една година, ова е сепак посебен момент, пишува НБА.
– Да се биде првиот играч што направил нешто е многу добро во оваа лига. Знаејќи ја историјата, великаните што се појавиле низ лигата, од кои некои ќе видите на паркетот вечерва, беше одлично да се натпреваруваш. Но за мене, главната работа, како и секогаш, е да победам и мразам што тоа мораше да се случи при пораз – рече Џејмс.
Тренерот на Денвер, Мајкл Мелоун, кој помина пет сезони со Џејмс како помошник-тренер на Кливленд (2005-2010), беше одушевен од тоа како Џејмс уште може да игра на толку високо ниво.
– Не ме обзема бројката сама по себе, само треба да се восхитувате на континуираната големина – рече Мелоун.
Џејмс до над 40.000 поени стигна со досега одиграни 1.475 натпревари во регуларниот дел од сезоните, достигнувајќи двоцифрен број поени во секој од претходните 1.205 меча, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Тој ја игра 21-та сезона во НБА, а сезонава е втор во лигата според бројот на одиграни минути, потоа четврти според бројот на асистенции, осми според украдени топки, седми според одиграни натпревари и 31-от според бројот на скокови.
Г.И.


НАЈЕФИКАСНИ ВО НБА

КОШАРКАР ПОЕНИ
Леброн Џејмс 40.017
Карим Абдул-Џабар 38.387
Карл Мелоун 36.928
Коби Брајант 33.643
Мајкл Џордан 32.292