Надежите на Клоп за многу трофеи за крај на неговото владеење во Ливерпул се на совршен почеток, а тој го опиша 10-от триумф на Ливерпул во Лига-купот како „најспецијалниот трофеј“ што некогаш го освоил и ја опиша победата со толку многу млади играчи како „исклучителна“, пишува „Скај спорт“. „Никој никогаш нема да ја заборави оваа приказна. Не се грижам за моето наследство, не сум тука да создадам такво нешто. Тука сум да ја завршам работата“, рече Клоп

ФУДБАЛ – ПО ТРИУМФОТ НА ЛИВЕРПУЛ ВО ЛИГА-КУПОТ НА АНГЛИЈА

Ливерпул го почна долгото збогување со Јирген Клоп во голем стил, откако со голот на Вирџил ван Дајк во последните моменти од продолжението триумфира во фудбалскиот Лига-куп на Англија на стадионот „Вембли“, на дуелот со Челси, со 1-0, достигнување што германскиот тренер го опиша како најпосебното во неговата кариера, пишува „Скај спорт“. Клоп претходно најави дека заминува од клупата на Ливерпул по завршувањето на сезонава.
Клоп беше без 10 првотимци во почетокот на мечот, а во 28. минута тој број се зголеми на 11, бидејќи Рајан Гравенберх беше изнесен на носилки, со што се дополнија значајните отсуства на Мохамед Салах, Дарвин Нуњез, Доминик Собослаи, Диого Жота, Куртис Џонс, Трент Александар-Арнолд и голманот Алисон. На клупата имаше шест фудбалери од академијата на клубот, на возраст до 21 година. Кога заврши мечот, 18-годишниот Џејден Дaнс, 19-годишните Џејмс Меконел и Боби Кларк, како и Харви Елиот (20) и Џерел Квансах (21) беа на теренот за Ливерпул, а Конор Бредли (20) беше во почетната постава, пишува „Скај спорт“.
– Она што го видовме денес е толку исклучително. Можеби никогаш повеќе нема да го видиме, овие работи не се случуваат во фудбалот. Тоа е убедливо најспецијалниот трофеј што некогаш сум го освоил. Апсолутно е исклучително. Посакувам почесто да се гордеам, вечерва тоа е огромното чувство. Така сите придонесоа. Гледајќи ги лицата на овие деца. Никој никогаш нема да ја заборави оваа приказна. Не се грижам за моето наследство, не сум тука да создадам такво нешто. Тука сум да ја завршам работата. Научивме толку многу во ова време. Одвреме-навреме ви треба нешто за навистина да славите, ова беше толку посебно. Имавме проблеми пред натпреварот, повреди, имавме судија што не беше на нивото на играта. Гледате уморни играчи. Немам поим кој може да игра утре со Саутемптон во ФА-купот. Но вечерва е ноќ што никогаш нема да ја заборавам – рече Клоп.
За Ливерпул тоа беше 10. трофеј во Лига купот, што е зголемен рекорд во натпреварувањето, во кое на листата потоа се Манчестер сити со осум пехари, Манчестер јунајтед со шест, Челси и Астон вила со по пет… Ливерпул води во Премиер-лигата по 26 кола и е во осминафиналињата на ФА-купот и на Лига Европа. За Клоп тоа е нов трофеј со Ливерпул и сега има по еден во Лигата на шампионите, Светското клупско првенство, Суперкупот на Европа, Премиер-лигата, ФА-купот и во Суперкупот на Англија и два во Лига-купот. Н.М.