Рускиот претседател Владимир Путин им соопшти на лидерите на еврејската заедница во Русија дека Москва „постигнала конкретни резултати“ во дипломатските напори за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас, пренесува „Тајмс оф Израел“.
На средбата со рускиот главен рабин Берл Лазар и претседателот на Федерацијата на еврејските заедници, Александар Борода, Путин изјави дека Русија ги искористила своите контакти со политичкото крило на Хамас.
– Откако ситуацијата стана понапната на Блискиот Исток, Русија прави се за да им помогне на луѓето кои станаа заложници. Како што е познато, нашето Министерство за надворешни работи работеше преку политичкото крило на Хамас и, генерално, имаше конкретни резултати – рече Путин.
Рускиот претседател истакна дека Москва се обидела да им помогне и на оние кои не се руски државјани.