Студентите што протестираа пред Министерството за образование и наука попладнево незадоволни од доцнењето на исплатата на стипендиите и на другите субвенции се разотидоа и немаа средба со министерот Јетон Шаќири. Тој на прес-конференција рече дека денеска го поканил претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет на средба во МОН и дека бил известен оти во текот на неделата ќе продолжат со редовните состаноци што МОН ги има со сите студентски собранија на универзитетите.
Нагласи дека секогаш ги поддржува студентите во нивните барања и дека во изминатите две години, и со сегашниот, и со претходниот претседател на УСС на УКИМ, имал повеќе од 30 состаноци.
-Кога потпишавме договор во Влада за реконструкција на студентските домови, на мое барање по потпишување на договорот имав состанок со претставници на повеќе универзитети и им ги образложив сите рокови за исплата на стипендиите. На тој состанок кажав дека најбрз можен рок за исплата на претходните стипендии е крајот на јануари, почетокот на февруари. Тоа е затоа што секогаш во буџетот на МОН, освен пред три години кога имало буџетски средства, сите исплати на стипендии од претходниот семестар се завршуваат во јануари кога доаѓа новиот буџет… Во однос на доцнењето на тие од претходната година, секогаш зависи од расположливите средства во буџетот на крајот на календарската година – рече Шаќири.
Посочи дека на исплатата и претходи и програма што треба да помине во Влада, а тоа било околу 10 јануари, и дека „имавме и нова ситуација со техничка влада и нови законски постапки“, така што сите стипендии се реализирани во петокот и им се исплатени денеска во 9 часот.
Откако од медиумите беше известен за барањето од денешниот протест дека студентите сакаат поефикасен систем за исплаќање на сите субвенции и дека ќе иницираат календар на активности кон кој МОН ќе мора да се придржува, министерот одговори дека не добил официјално барање, но дека е отворен за нивната иницијатива.
Не знае зошто денеска се случува овој протест, кога, како што рече, високи претставници на студентските собранија пред само две недели ги пофалиле вработените и раководителот во секторот за стипендии во МОН, задоволни од нивната работа.
-Не знам што е поразлично од 16 јануари, но без разлика, како министер поддржувам таква иницијатива за календарски рокови. Ќе го прифатам тој календар како што ќе го предложат студентите откако ќе го разгледаме од правен аспект и во однос на буџетските средства што ги имаме, а за административните постапки не е никаков проблем. Секоја забелешка што доаѓа од студентите за промена за да бидеме поефикасни, треба и мора да бидеме поефикасни – истакна Шаќири.
На прес-конференцијата соопшти за се што МОН досега направило за да им излезе во пресрет на студентите – вовело нови категории стипендии, некои и во износ од 18.000 денари за дефицитарни струки. За субвенциониран студентски оброк е уважено барањето да нема ограничување на дневниот трошок и тој да биде неделен и дека вредноста на студентскиот оброк од 120 е зголемен на 140 денари дневно, а износот бил постигнат во соработка со студентските собранија.