Фото: Маја Јаневска Илиева

Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во државава денеска на средба со премиерот Талат Џафери изразиле поддршка за определбите за спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори, како и за најавениот континуитет во политиките и соработката на домашен и надворешен план, согласно европската агенда, информира владината прес-служба.

На првата средба на техничкиот премиер со амбасадорите, биле разменети мислења за продолжување на реформската агенда на Владата во претстојниот период, следните чекори врзани за изборниот процес, процесот на уставни измени и владините економски политики.

Џафери ги информирал амбасадорите за програмата на Владата во претстојниот период во насока на обезбедување континуитет на владините политики и активностите врзани за организирање на претстојните претседателски и избори за пратеници во Собранието.

Истакнал дека е одлучен, како што стои во соопштението, Владата што ја предводи да одговори на законската обврска да спроведе фер и демократски изборен процес, согласно највисоките европски стандарди и практики.

Во тој контекст Џафери рекол дека обврска за фер и демократски избори, покрај Владата и државните институции, имаат и сите политички субјекти во земјава, односно „треба да покажат зрелост и одговорност, како што и приличи на земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и движечка сила на евроатлантската ориентација на регионот, а тој лично, ќе се заложи за атмосфера на конструктивност“.

– Важно е на изборите на 8 мај – и по нив, во предвидените законски рокови, да биде избран новиот претседател на државата и да биде формирана новата Влада, со полн легитимитет, за да нема застој на нашиот започнат пат – нагласил Џафери.

Во контекст на владината програма, се наведува во соопштението, премиерот истакнал дека Владата има јасен фокус кон европските интеграции и недвосмислена проевропска ориентација, што ќе значи континуитет во евроатлантските политики и на домашен и на надворешен план. Во таа насока, како претседател на Владата, ќе дава целосна поддршка на Собранието, штом се создадат неопходните услови за тоа, да бидат изгласани предложените измени на Уставот, кои се единствениот услов од Преговарачката рамка со Европската Унија и од кои зависи одржувањето на втората меѓувладина конференција со ЕУ, со тоа и формалното отворање на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ.

– Во дискусијата, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Скопје, покрај честитките за изборот на премиерот Џафери и за новиот владин состав, изразија силна поддршка за определбите на премиерот и на Владата за спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори, како и за најавениот континуитет во политиките и соработката на домашен и надворешен план, согласно европската агенда – се наведува во соопштението.