Фото: „Нова Македонија“

Функционери на БиХ, Федерацијата на БиХ и округот Сараево денеска им оддадоа почит на жртвите од масакрот на 5 февруари 1994 година од страна на припадниците на војската на босанските Срби, положувајќи венци и цвеќе на споменикот на пазарот Маркале во Сараево.

Како што е утврдено со истрагата и пресудата на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, 68 лица загинаа, а 142 се ранети од минофрлачка граната што била истрелана од подрачјето на селото Мрковиќи.

Властите на округот Сараево го прогласија 5 февруари за ден на сеќавање на сите жртви од опсадата на Сараево, која траеше од април 1992 година до февруари 1996 година. Во тој период, повеќе од 11.000 луѓе, меѓу кои 1.500 деца, загинаа во Сараево од артилериски и снајперски напади.

Членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ изјави дека најмалку што може да се направи денеска е да се покаже почит кон жртвите и солидарност со нивните семејства.

Опсадата на Сараево и тероризирањето на неговите жители е составен дел од пресудата со која поранешните политички и воени лидери на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, беа осудени на доживотен затвор.

Пазарот Маркале беше место на уште еден минофрлачки напад кон крајот на август 1995 година, кога беа убиени 43 лица, а 84 беа ранети. Тој напад беше проследен со масовни воздушни напади на НАТО врз позициите на војската на босанските Срби, што овозможи копнена офанзива на хрватската армија, ХВО и Армијата на БиХ, што создаде услови за мировните преговори во Дејтон со кои заврши војната.