Детскиот фонд на Обединетите нации УНИЦЕФ денеска соопшти дека проценува дека 17.000 деца во Газа биле оставени без придружба или одвоени од нивните семејства за време на конфликтот, а на речиси сите деца во енклавата им е потребна психолошка поддршка.
– Тие покажуваат симптоми на екстремно високо ниво на анксиозност, губење на апетит. Тие не можат да спијат и имаат емоционални испади или паника секој пат кога ќе слушнат експлозии – рече Џонатан Крикс, раководител на УНИЦЕФ задолжен за комуникацијата во окупираните палестински територии.
Пред војната, посочи тој, УНИЦЕФ сметаше дека на 500.000 деца веќе им е потребна здравствена и психолошка поддршка во Газа.
– Денес проценуваме дека на речиси сите деца им е потребна таква помош, а тоа е повеќе од милион деца – додаде Крикс.