Скопјани поднеле 74 претставки за работата на градската администрација, а сите пријави и поплаки се однесуваат на непочитувањето на законски утврдените рокови за изработување на актите што ги носи градот и во однос на недобивањето одговор по поднесените барања. Повеќето од пријавите се стигнати во секторите за планирање и уредување на просторот, за финансиски прашања, за комунални работи и за работи во инспекторатот.
Пријавите на граѓаните се за активностите предвидени со проектот „Внатрешна контрола за вработените во градската администрација“ што го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, со намера да се подобри работата на градската администрација. Тогаш градоначалникот најави дека издал налог со кој внатрешната контрола во рок од два месеца треба да изработи регистар на сите постојни несработени предмети во градот, да ги категоризира предметите по тип и време за постапување. Проектот беше најавен на 14 септември годинава, а почна да се реализира три дена подоцна. Од градот велат дека за осум предмети изработени биле 19 опомени, а во два предмета од страна на внатрешната контрола утврден е и дисциплински престап за што ќе биде поведена и дисциплинскa постапка кон одредени административни службеници. Добиените податоци се обработуваат и за нив внатрешната контрола ќе состави извештај за утврдената фактичка состојба и ќе ѝ го предаде на градоначалникот овој месец.
– Целта е да се спречи закочувањето на постапките, граѓаните да бидат поштедени и од стрес и од изгубено време талкајќи по шалтери, од канцеларија во канцеларија. Конечно да ги извадиме сите предмети надвор од фиоките – рече тогаш Шилегов.
Граѓаните своите претставки можат да ги достават на е-адресата: [email protected], а како што информираат од градот тие секојдневно пристигнуваат и најмногу се однесуваат на незавршени предмети.
Предметите се поврзани со ненавремено изработување процени и решенија за утврдување на данокот на промет на недвижности, наследство и подарок и данокот на имот, ненавремено завршување предмети поврзани со пресметка за утврдувањето надомест за легализација на бесправно изградени објекти и за пресметки за плаќање надомест за уредување градежно земјиште, предмети поврзани со користење простор пред деловни простории, ненавремена реализација на веќе изработените решенија за сечење дрвја…
Според предвиденото, по приемот на пријавите и претставките од граѓаните, внатрешната контрола веднаш го запознава засегнатиот сектор со нив и во согласност со своите овластувања врши увид во списите на предметот. Од градот информираат дека се работи на правилно утврдување на причините поради кои не е постапено во конкретниот случај со насока да се преземат сите активности за да се отстранат недостатоците и да се постапи во интерес на странките во постапката. Претставката на крајот се затвора со извештај. С.Р.