Закана од ЕУ за Будимпешта доколку Виктор Орбан стави вето на денешниот самит на ЕУ, во врска со помошта за Украина
Европската Унија ќе влијае активно-опструктивно на унгарската економија со конкретна стратегија, доколку Будимпешта ја блокира новата помош за Украина на самитот на лидерите, кој треба да се одржи денес, на 1 февруари во Брисел. Стратегијата на ЕУ има цел да ги одврати инвеститорите со прекинување на финансирањето на Будимпешта и да влијае на економската положба на Унгарија. Спроведувањето на, до денес, доверливиот план изготвен од Брисел би довело до значајна ескалација на судирот што долго време трае меѓу ЕУ и нејзината земја членка – Унгарија. Во документот изготвен од претставници на ЕУ, Брисел има подготвено детална стратегија со која отворено ги детектира економските слабости на Унгарија, доколку Будимпешта одбие да го укине ветото за помошта за Киев. Со реализирање на предупредувачките мерки, Брисел може да ја загрози стабилноста на унгарската валута и да доведе до намалување на довербата на инвеститорите, а тоа може да наштети на „работните места и растот“ во Унгарија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вети дека ќе го блокира користењето на буџетот на ЕУ за обезбедување финансиска помош од 50 милијарди евра за Украина на вонредниот самит на европските лидерите, закажан за денеска. Во случај Орбан да не отстапи, другите лидери на ЕУ треба јавно да ветат дека трајно ќе го исклучат целото финансирање на ЕУ за Будимпешта со намера да предизвикаат потреси на финансиските пазари, како и пад на форинтата и пораст на трошоците за финансирање на јавниот дефицит, се наведува во документот на Брисел, во кој имаа увид и известувачите на „Фајненшл тајмс“.
Во документот се наведува дека „во случај да нема договор на денешниот самитот, другите шефови на држави и влади јавно ќе изјават дека не се согласуваат со „неконструктивното однесување на унгарскиот премиер“. Порака до јавноста би била дека „тие не можат да замислат дека“ фондовите на ЕУ ќе ѝ бидат достапни на Будимпешта. Без тоа финансирање, „финансиските пазари и европските и меѓународните компании би можеле да бидат помалку заинтересирани да инвестираат во Унгарија“, се наведува во документот на ЕУ.
Унгарскиот министер за ЕУ Јанош Бока, во изјава за ФТ, нагласи дека Будимпешта не е свесна за финансиската закана, но дека неговата земја „не попушта под притисокот“.
– Унгарија не гледа поврзаност помеѓу поддршката за Украина и пристапот до фондовите на ЕУ. Унгарија ќе продолжи да учествува конструктивно во преговорите – рече тој.
Како одговор на зголемениот притисок врз Будимпешта да постигне компромис, Бока рече дека Унгарија испратила нов предлог до Брисел, наведувајќи дека сега е отворена за користење на буџетот на ЕУ за помош на Украина, па дури и за издавање заеднички долг за негово финансирање, што ја отвора можноста за Будимпешта да се премисли подоцна.
Во документот, подготвен од официјален претставник во Советот на ЕУ, се изложуваат местата на економските ранливости на Унгарија, вклучувајќи го нејзиниот „многу висок јавен дефицит“, како и високата инфлација, слабата валута и нивото на задолженост на Унгарија во рамките на ЕУ, изразено преку висината на долгот како дел од бруто-домашниот производ. Ова значи дека работните места и растот на Унгарија зависат во голема мера од приливите на финансии од странство, а најголемиот дел отпаѓа на финансирањето од ЕУ.
И претходно Брисел ја користеше можноста за „финансиска принуда“ и закинување на финансиската потпора против земјите членки на ЕУ. Тоа беше во случајот со Полска и Унгарија поради загриженоста за владеење на правото и во Грција за време на кризата во еврозоната. Но стратегијата, која содржи експлицитни мерки за да се поткопа економијата на една земја членка, претставува нов голем чекор за блокот.
Тројца дипломати на ЕУ веќе изјавија дека многу земји го поддржуваат планот за Унгарија. Унгарскиот министер за ЕУ Јанош Бока, во разговор за „Фајненшел тајмс“, рече дека Будимпешта сака „да ја истражи можноста за поконструктивно и европско решение“ и предложи дека би можела да го поддржи планот од 50 милијарди евра доколку ѝ се даде годишно вето на плаќањата. Другите земји од ЕУ веќе го одбија овој предлог бидејќи стравуваат дека Орбан ќе се обиде да ги блокира секоја година и да извлече дополнителни отстапки. Но еден дипломат смета дека „нема шанси“ Орбан да добие вето за финансирањето.
– Политичкиот притисок врз Унгарија е континуиран и силен, но тоа не влијаело на преговорите на неговата влада. Моравме да направиме исчекор и веруваме дека другата страна ќе биде слично флексибилна – додаде Јанош Бока.
Другите 26 земји членки имаат план Б да испратат пари во Киев надвор од буџетот на ЕУ, но тоа ќе бара ратификација од националните парламенти, што ќе предизвика одложувања и неизвесност. Неколку земји членки размислуваа дали е изводливо да се користи членот 7 од Договорот за Европската Унија, кој ќе му овозможи на Брисел да ѝ го одземе правото на глас на Будимпешта или да ја блокираат исплатата на пари. Но други земји во ЕУ ја отфрлија идејата имајќи предвид дека за неа е потребна едногласна поддршка и многу земји не сакаат да применат таква сериозна санкција. Унгарскиот министер смета дека е важно единството на ЕУ да биде „зачувано“ и изрази подготвеност за „постигнување компромиси сè додека тие не влијаат на виталните интереси на Унгарија“. Тој, сепак, додаде дека ако компромисните напори пропаднат, првичниот предлог на Унгарија за посебен украински фонд надвор од буџетот на ЕУ ќе биде прифатлива опција за Будимпешта.
Советникот на унгарскиот премиер Виктор Орбан отворено тврди дека „Брисел користи уцена против Унгарија“
Од најстарите демократии повторно никнува фиданка на автократијата
Балаш Орбан, советник на унгарскиот премиер Виктор Орбан (не е во сродство со унгарскиот премиер Виктор Орбан), ги опиша заканите што Брисел ги испрати до Будимпешта во врска со ветото на Унгарија за европската помош за Украина како „уцена“. Имено, советникот Балаш Орбан изјави дека „Брисел користи уцена против Унгарија“. Тој со индигнација ги отфрли „доверливите планови на ЕУ“ да изврши притисок врз Будимпешта доколку Унгарија продолжи да го одложува доделувањето дополнителни финансиски средства за Украина. Во Будимпешта се свесни дека „Брисел развива план за поткопување на унгарската економија доколку продолжи да одбива да одобри финансирање за Украина“. ЕУ се заканува целосно да ги замрзне преостанатите средства за Унгарија и да го сруши курсот на националната валута, унгарската форинта, со цел, како што велат официјални лица од Будимпешта, „да ѝ наштети на економијата на централноевропската земја и да ја поткопа нејзината инвестициска атрактивност“. На последниот самит на ЕУ во Брисел, на 14-15 декември 2023 година, унгарскиот премиер ги блокираше амандманите на буџетот на ЕУ за 2024-2027 година, со кои се бараше издвојување на 50 милијарди евра за Украина. Наместо тоа, Виктор Орбан предложи да се обезбеди финансиска помош за Киев на годишна основа со строги контроли на расходите.
Лидерите на ЕУ повторно почнуваат разговори денес, на состанок во Брисел.