Не верувам дека постои друга земја (кандидатка за членство) што е позаслепена од Европската Унија. Или треба да речам друга политичка каста што е фасцинирана до слепило од тоа „среќно европско семејство“? Зашто на народот веќе му е прекуглава од сите акробации и експерименти што ги применуваат на Македонија… Но, за почеток, на ум ми доаѓа онаа славна мисла на Толстој од почетокот на „Ана Каренина“: „Сите среќни семејства се слични, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. Златното време на европското среќно семејство е дамнешно минато, но ретко кој сака да го признае тоа. Особено не тие што се внатре и оние што имаат интерес од таквото здружување. Сите што не се дел од него, негуваат слика на семејна идила, благосостојба, здравје, напредок, солидарност… ЕУтопија, земја што не постои, ама е убава бајка за продавање на сиромашните и несреќните. Тие очекуваат еден убав ден да бидат „посвоени“, небаре сирачиња, и потоа и сакани и поддржувани како дел на Унијата, без да ги видат внатрешните расцепи и судири. Зад површината на „среќното семејство“ се појавува поинаква слика, за која некој мора да проговори. Не како евроскептик (што е само обична дисквалификација и етикета), туку како еврореалист – некој што нештата ги гледа без розови очила.
Во пресрет на изборите, кај нас ваквата идолатрија добива комични форми. Минатата недела пишував за наводната албанофобија што како штит за себе и своите корупциски скандали и неспособност ја користи дел од албанската политичка каста. Но тоа е само дел од поширокиот мозаик, кој сега се (само)прикажува како „европски фронт“. Ако некои се кријат и бараат амнестија (и амнезија) зад албанството, поширок дел од владејачката тајфа сега се обидува да се покрие со европското знаме (поточно, знамето на ЕУ). Онака како што криминалите си ги простија и чуда изнаправија во наводен европски интерес користејќи комбинација на „европско знаменце“ (скратена постапка) и брзи прсти во Собранието. Еден од најразумните бивши политичари од стар ков е Џевдет Хајредини, кој без страв и самоцензура ги кажува нештата какви што се, па така, пред неколку дена на својот фејсбук-профил постави реторичко прашање: „Каков е и каков може да биде тој,европски фронт’ на чие чело се корумпирани,лидери’ што со закон го забранија објавувањето на своите многубројни кривични дела, кои со измени на Кривичниот закон, усвоени со злоупотреба на европското знаменце, со што тие самите и голем број други корумпирани државни и партиски,лидери’ и функционери, од кривичните дела се амнестираат или делата им застаруваат?“.
Не е потребен поголем аналитички напор за да се утврди дека зборот „фронт“ има воено-политичка димензија: тие се бранителите на ЕУ и демократијата, од оние другите, лошите и назадните. Дури и кога ЕУ би била земја на бајките, од вакви „бранители“ би се срамела или би им забранила да ја злоупотребуваат. Но ЕУ има свои длабоки проблеми (првенствено, политички, но и геоекономски и социјални), па за балканските „непослушни деца“ одамна предвиде стабилократија. Со други зборови, подготвена е да поддржи секаква будала, само ако не бранува и не го менува курсот на бродот (дури и ако тој тоне поради безброј дупки на палубата). Да одржува статус кво, бидејќи „стабилноста“ иако не е позитивна состојба, барем е предвидлива. Промените се „опасни“ во очите на Брисел и Вашингтон, тие што не го прифаќаат сегашното како стабилно, се антиевропски елементи. А само да ве потсетам дека овој македонски брод беше оној што требаше да нѐ влече напред со сидрото! И тоа го превидоа, и на таквиот капетан му дадоа поддршка. Немам намера да се занимавам со тој т.н. европски фронт, а уште помалку со неуставната „техничка влада“ – за која како слеп за стап се фатиле сите божемни „легалисти“. Дури и дезертерот од две армии, кој дигна оружје против својата држава, сега се колне дека е за процедури, дека е легалист и – замислете! – имал совест!!! Толку од таа приказна на генералисимуси што скокаат од позиција на позиција.
Ајде да погледнеме што се случува во таа толку фалена унија. А се случуваат чудесии! Искрено, последниве неколку месеци, секојпат кога до ушите ќе ми допре фразата за „европските вредности“ ми се превртува утробата, а тоа најчесто се случува за време на ТВ-дебатите во кои буквално се натпреваруваат да докажат кој е позагрижен или попосветен на „европските вредности“. Какви за бога европски вредности барате во картел на корпорации и моќници? Ирската европратеничка Клер Дејли неодамна со право ја нарече претседателката на Европската Унија, „фрау Геноцид“! И додаде: „Ако лицемерството имаше име, ќе се викаше ЕУ!“. Каква е таа унија со Нобелова награда за мир што не се ни обидува да постигне примирје (во Украина) или да осуди геноцид (во Газа), па чекавме на Јужна Африка да поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата?! Дека таа ги нема на ум социјалната правда и благосостојбата на граѓаните зборуваат масовните протести – ама оние што не ви ги прикажуваат на ТВ-вестите, зашто се со „вознемирувачка содржина“. Така, принудени сме на алтернативни медиуми и социјални мрежи и апликации да се информираме за блокадата на Германија, Франција или Холандија од земјоделците.
Нивните пароли се болни до коска: „Имате пари за војни, немате пари за храна“. По брегзит, се појавија уште неколку варијанти на истата тема – од грегзит, до фрегзит, а сега и во Германија се слушаат гласови за напуштање на Унијата. Во колумна не може сета оваа сложена слика да се објасни подлабоко, па така, само кратко ќе кажам дека без Германија нема ЕУ (како што без САД нема НАТО), но дека германските елити се длабоко свесни дека улога на економски хегемон е можна само во Унијата во која постои „центар“ и „периферија“. Центарот цвета со експлоатација на периферијата, дури и ако е таа европска. Ние во таа приказна сме бетер: периферија на периферијата! Да скратам, не станува збор за распаѓање на Унијата, туку за нејзиното лицемерство и експлоататорска улога. Економскиот бум на Германија главно се должеше на евтините енергенти од Русија и уште поевтината работна сила (од мигранти и други). Сега нештата се менуваат поради војната, а ЕУ (како приврзок на НАТО и САД) во Украина не брани ни демократија ни меѓународно право, туку свои/западни геоекономски и геополитички интереси. До последен Украинец!
Оние што како папагали опоменуваат како ние сме ги бранеле европските вредности, а ЕУ неправедно ги кршела врз наш грб (шмрк-шмрк), не водат сметка за ваквите финеси. Тие дури одбиваат и да го видат очигледното: процесот на проширување (кој погрешно го нарекуваат европеизација) е воден од геополитиката, а не од Копенхашките критериуми! Одамна! Од првите до последните одлуки во оваа област! Тоа што Украина ги започна преговорите со ЕУ не е резултат на никакви реформи (кои, пак, стануваат и невозможни во воена состојба), туку на грабање на „коската“ од пред „Мечката“. И притоа, замислете, од тој народ што веќе има околу половина милион жртви и изгубено повеќе од третина од територијата очекуваат прво да ја победи Русија, а потоа ќе биде примен во „среќното семејство“! Олигарсите и корпорациите веќе си ги имаат обезбедено економските интереси во таа намачена земја, додека крвави тие мислат на „иднината“ (т.е. профитот).
Љубителите на „европските вредности“ непрекинато повторуваат дека владеењето на правото било на врвот на листата, па кога се „кошкаат“ меѓу себе покажувале дека ние не сме достојни за европското семејство. Прво, ЕУ ја заболе за меѓународното право – во Газа, на пример, или во Либија, Сирија, Ирак, а да не зборувам за Иран! Второ, каучук-нормите не се измислени од нашиве „генијалци“ туку обратното е поточно. Сетете се како во декември Орбан пиеше кафе среде седница на Европскиот совет на која се одлучуваше за Украина (плус Грузија и Молдавија). Значи, за да се избегне експлицитно вето (т.е. признае непостоење консензус, кој е задолжителен за такви прашања), тие најдоа „креативно решение“. Размислете сега зошто дотогаш никому не му текна да ги прати грчкиот и бугарскиот премиер (како и да се викаа во даден момент) на пиење кафе или во тоалет? Шолц или Макрон ја смислија оваа „можност“? Но сагата со непослушниот Орбан не запира тука, бидејќи тој упорно одбива да се согласи со натамошно издвојување средства за воена поддршка на Украина. Најновата вест деновиве беше дека ЕУ ѝ се заканува на Унгарија со примена на т.н. клаузула за суспензија на правото на гласање во носењето одлуки поради кршење на т.н. фундаментални принципи од страна на држава членка. За да биде појасно, еве на што се повикуваат: членот 7 од Договорот за Европската Унија дава можност да се суспендираат правата што произлегуваат од членството во ЕУ (како на пример гласање во Советот на ЕУ) доколку државата членка сериозно и континуирано ги крши принципите на кои се заснова ЕУ.
Тие принципи се дефинирани во членот 2 и се однесуваат на: почитувањето на човековиот дигнитет, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на фундаменталните права, вклучувајќи ги и правата на лицата што се припадници на малцинствата. Орбан го обвинуваат за владеењето на правото, иако на ум им е Украина (т.е. манипулираат со еден принцип, за да издејствуваат одлука од сосема друга област). Туку, се прашува човек, а зошто овој член не им дојде на ум кога Грција и Бугарија нè малтретираа(т) со години, кога дури и Европскиот суд за човекови права има пресуди и безброј извештаи за кршењето на правата на малцинствата во овие две држави? Ова е реторичко прашање, бидејќи не сакаа да си ги валкаат рацете околу некакви си таму Македонци, кои и секако ќе свиткаат кичма. Прашање е само дали тоа ќе го направи Курто или Мурто, и со помал или поголем притисок. Притоа, Македонија им е веќе добиен геополитички плен, ја набутаа во НАТО (и со неуспешен референдум во 2018), а таа сега се подготвува не за избори, туку за Студена војна, за судир меѓу Истокот и Западот итн. Ете, така нè гледаат, ние така се однесуваме (како држава), и нема причина за „креативност“ во Брисел. Македонија е секако територија, а не држава, и секако им припаѓа – тешко на оној што ќе каже нешто поинакво.
Пред неколку дена го слушав Јанис Варуфакис, кој брутално точно и јасно ја изрече пресудата: демократијата е готова (мртва) во Европската Унија! И во право е, бидејќи додека некој зборува за добивање војна и заграбување (нечиј) плен, тој не може да биде демократ. Воената демократија е оксиморон, а секој што верува во неа е само морон.