Собранието денеска ја почна 139. седница на која беа констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери.
Премиерот Ковачевски и претседателот на Собранието не ги образложија оставките. Најавата за поднесените оставки на Ковачевски и Џафери беше поздравена со аплауз од дел од пратениците.
Се очекува на седницата да биде избран новиот претседател на законодавниот дом Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ. Врз основа на Деловникот, за претседател на Собранието е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. По изборот и свечената заклетва, се очекува Џафери да му ја предаде функцијата на Митрески.
Ковачевски и Џафери, кој ќе биде мандатар на техничката влада, оставките ги поднесоа вчера како вовед на изборот на техничката влада на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори на 8 мај.
Претседателот Стево Пендаровски денеска во 15 часот, ќе му го врачи мандатот на Талат Џафери, за состав на преодна Влада за спроведување на избори на пратеници.