Фото: ЕПА

Во арената „Ланксес“ се одигра специјален тест-натпревар на кој беа тестирани камери, вклучувајќи камера што ја дава перспективата на судиите, веќе користена во некои спортови, како хокеј на мраз и хокеј на трева, како и камери што може да се интегрираат директно кај стативите, пишува ЕХФ. Во последното коло во главната група два, пак, која беше решена претходно, откако по минатото коло Данска и Шведска се пласираа во полуфиналето, Словенија си обезбеди играње меч за пласман на петтата позиција на ЕП 2024, што ќе биде еден од петте најдобри пласмани на таа репрезентација во 14-те учества на европските првенства

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

На денот на одмор во главната групна фаза во Келн во вторникот, Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги собра партнерите, доставувачите и засегнатите страни на работилница за иновации за камери во арената „Ланксес“ за да ја испроба најновата технологија. Мечевите може да бидат возбудливи за гледачите на Европското првенство (ЕП) за ракометари благодарение на неверојатните перформанси на играчите, но ЕХФ, партнерите и доставувачите на федерацијата продолжуваат да работат зад сцената за да ги разгледаат начините за подобрување на спортот уште повеќе, пишува ЕХФ.
Помогнати од два тима волонтери на ЕП 2024, кои излегоа на теренот во арената „Ланксес“ за специјален тест-натпревар, беа тестирани ТВ-технологии, како што се судиските камери, вклучувајќи камера што ја дава перспективата на судиите, веќе користена во некои спортови, вклучувајќи хокеј на мраз и хокеј на трева, како и камери што може да се интегрираат директно кај стативите, кои нудат нови агли што би можеле да обезбедат досега невидени фотографии за гледачите што мечевите ги следат од дома, пишува ЕХФ.
– Работилницата беше првиот чекор во развојот на какви било нови ТВ-технологии. Сега треба да ги оцениме овие идеи заедно со нашите партнери и да погледнеме што би можело да се спроведе на идните настани – рече директорот за развој и за маркетинг на ЕХФ, Џеј Џеј Роланд, пренесе ЕХФ.
Во последното коло во главната група два, која беше решена претходно, откако Данска и Шведска обезбедија пласман во полуфиналето, Холандија ремизира 33-33 со Португалија, Норвешка го победи европскиот првак Шведска со 33-23, а Словенија го совлада светскиот шампион Данска со 28-25, со што го освои третото место во главната група два и ќе игра за пласман на петтото место на ЕП 2024. За влез во финалето, утре, Данска ќе игра со второпласираната селекција од групата 1, а Шведска со Франција.

За Холанѓаните ова беше прв бод во главната рунда, во меч во кој Мартим Коста и Антонио Ареја ја надминаа бариерата од 50 гола на ЕП и сега ги заземаат четвртата и петтата позиција меѓу најдобрите пет стрелци на Португалија на сите времиња. Сите голови на Коста се постигнати на ова ЕП, а оние на Ареја се распоредени на три шампионати, почнувајќи од 2020 година. Португалија досега го имаше најдобриот пласман на ЕП 2020, кога се стави на меѓународната ракометна мапа со шестото место. Португалија своето олимписко деби го имаше на Игрите во Токио одржани во 2021 година.
– Почнавме многу лошо во првото полувреме, особено во одбраната. Во вториот дел се обидовме да одиграме подобро и го направивме тоа во текот на мечот, но, сепак, не беше доволно за победа – рече голманот Диого Рема Маркес, кој беше прогласен за играч на натпреварот.
Словенија неочекувано ја победи фаворизираната Данска првпат по 24 години и наедно ѝ го нанесе првиот пораз на ова ЕП, со што обезбеди пласман на третата позиција во својата група и ќе игра меч за петтата позиција на ЕП 2024. И на овој меч голман беше прогласен за играч на натпреварот, Клемен Ферлин од Словенија, кој имаше 10 одбрани. Данците на овој меч настапија без клучните играчи Матијас Гидсел, Симон Питлик и Магнус Саугструп, за да се одморат за полуфиналето, а тоа го искористија Лукас Јоргенсен со шест гола и Никлас Киркелоке со пет погодока, за да блеснат во брзите контри.

– Мислам дека никој не веруваше дека можеме да победиме со Данска. Тие се силна репрезентација без разлика кој игра. Се договоривме дека ќе дадеме максимум против нив и дека сакаме да ја покажеме вистинската моќ на Словенија. А го покажавме тоа во текот на целиот натпревар – изјави Ферлин.
Словенија го постигна најголемиот успех на ЕП со освојувањето на сребрениот медал на домашен терен во 2004 година и со полуфиналето во 2020 година. Таа селекција беше петта во 2000-та и шеста во 2012 година. Словенија годинава обезбеди еден од своите пет најдобри пласмани во 14-те учества на европските првенства.
Победата на Норвешка над Шведска беше триумф со најголема разлика на дуелите помеѓу двете селекции досега, оти претходниот рекорд беше девет гола, кога Норвешка победи во 2019 година за да го освои Купот на ЕХФ. Норвешкиот голман Торбјорн Бергеруд забележа осум одбрани и беше клучен фактор за победата, а нападот со 11 гола го предводеше Александре Блонц, кој беше прогласен за играч на мечот. Н.М.


Од 2016 година, Норвешка и Шведска се менуваат во полуфиналињата

Норвешка и Шведска се менуваа во освојување медали на големите ракометни шампионати, но никогаш не го направиле тоа на исто натпреварување. Од 2016 година, една од двете селекции беше барем полуфиналист. Норвешка го направи својот главен пресврт на Европското првенство (ЕП) во 2016 година, кога стигна до своето прво полуфинале на некој шампионат, а Шведска до тогаш веќе имаше многу медали. Норвешка го играше тоа полуфинале во Полска, а двапати во низа се пласира во финалето на светските првенства (СП), во 2017 и во 2019 година, како и во полуфиналето на ЕП 2020 (бронза). Шведските ракометари, пак, стигнаа до полуфинале на претходните две ЕП (2018 и 2022 година), играа за трофејот во 2018-та, а го освоија во 2022 година… Годинава Шведска повторно се пласира во полуфиналето, а Норвешка останува да ја чека својата шанса за нов медал откако ја освои бронзата на ЕП 2020. Г.И.


ВТОРА ГРУПНА ФАЗА

ГРУПА 1
Австрија – Исланд синоќа
Франција – Унгарија синоќа
Германија – Хрватска синоќа
ТАБЕЛА
Франција 4 4 0 0 139-122 8
Германија 4 2 1 1 113-107 5
Унгарија 4 2 0 2 119-116 4
Австрија 4 1 2 1 108-112 4
Исланд 4 1 0 3 116-128 2
Хрватска 4 0 1 3 116-126 1

ГРУПА 2
Холандија – Португалија 33-33
Словенија – Данска 28-25
Норвешка – Шведска 33-23
ТАБЕЛА
Данска 5 4 0 1 158-132 8
Шведска 5 3 0 2 147-144 6
Слoвенија 5 3 0 2 145-147 6
Португалија 5 2 1 2 163-172 5
Норвешка 5 2 0 3 150-149 4
Холандија 5 0 1 4 154-173 1

ЕП 2024
ПОЛУФИНАЛЕ
Данска – втор од групата 1
Франција – Шведска
ДУЕЛ ЗА ПЕТТО МЕСТО
Трет од групата 1 – Словенија
сите мечеви на програмата се утре


СТАТИСТИКА

  • Листа на стрелци: Мартим Коста (Португалија) 54/81 (66,7 отсто успешност), Рутгер тен Велде (Холандија) 45/65 (69,2), Матијас Гидсел (Данска) 42/50 (84)
    l Најмногу одбрани: Андреас Волф (Германија) 66/180 (36,67 отсто), Барт Равенсберген (Холандија) 65/247 (26,32), Клемен Ферлин (Словенија) 63/219 (28,77)
  • Најбрз шут: Богдан Радивојевиќ (Србија) 129,46 км/ч.
  • Најбрз спринт: Дилан Нахи (Франција) 31,57 км/ч.
  • Најмногу асистенции: Лук Стеинс (Холандија) 41 (5,86)
  • Најголемо истрчaно растојание: Лук Стеинс (Холандија) 28,78 км
  • Најмногу погодени седмерци: Рутгер тен Велде (Холандија) 21/24 (87,5)