Според мислењето на повеќе соговорници, професори и политички аналитичари, „како граѓани на земјава сме соочени со фактичка состојба, странските амбасадори да одат на средби директно кај Али Ахмети и пораките за Македонија да ги испраќаат преку него. Значи, пораките не се испраќаат ниту преку претседателот на државата, ниту преку премиерот, ниту преку Собранието, пратениците…, туку преку лидерот на една партија, со дузина пратеници. Таквата практика го прави Ахмети ’посебна институција‘, која е над сите институции…“
За феноменот на нашето сопствено урнисување на демократската хиерархија на државните функции
Вчера и денеска, (22 и 23 јануари), Скопје е домаќин на веќе „традиционално“ воспоставениот ротирачки самит ЕУ – Западен Балкан, на кој главна тема е распределбата на шесте милијарди евра од Унијата, за планот за раст на шесте земји од регионот во периодот од 2024 до 2027 година. Секако, овој самит е можност за уште една средба на лидерите од регионот, заедно со „одговорните“ од ЕУ и меѓународната заедница, во последната седмица на функционирање на актуелната политичка влада на Македонија. Од наредната недела би требало да настапи техничката влада за организирање избори, што практично би значело дека Македонија влегува во „изборен модус“. Набрзо истата предизборна состојба ја очекува и ЕУ.
Лидерите од регионот и претставниците на ЕУ и меѓународната заедница веќе еден ден пред самитот беа пристигнати во Скопје. Па така, вечерта пред почетокот на официјалната програма на состанокот, македонскиот премиер Димитар Ковачевски објави на социјалните мрежи дека била организирана неформална вечера со дотогаш пристигнатите гости. На неформалната средба биле присутни и претседателот Стево Пендаровски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и првиот вицепремиер Артан Груби, додека од гостите присуствувале српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, премиерот на Косово – Албин Курти, Герт Јан Копман – генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, и Џејмс O’Брајан, помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот.
– Во пријателска атмосфера со лидерите од Западен Балкан ги потврдивме нашите ставови за интеграција на регионот во ЕУ. Местото на сите држави од регионот е во ЕУ и го имаме потребниот лидерски потенцијал за носење храбри одлуки за подобра иднина. На сите нас – и на Западен Балкан и на Европа, ни се потребни единство и стабилност – порача Димитар Ковачевски во објавата на социјалните мрежи од неформалната средба.
Детаљот што им го привлече вниманието на толкувачите на невербалните пораки од неформалните ситуации на политичарите беше присуството на Али Ахмети на неформалната лидерска средба во еден скопски угостителски објект. Лидерот на ДУИ практично беше единствениот политичар присутен на средбата без официјална функција во извршната власт во Македонија. Тоа го поттикна прашањето – во какво својство на оваа неформална средба бил присутен еден партиски лидер, односно Ахмети?
Најофицијалниот статус на Али Ахмети е поврзан со законодавната власт, формално како пратеник, кој само во „пресудни мигови“ се појавува во Собранието на Македонија. Но ниту еден друг пратеник, па ниту претседателот на Собранието не е забележан на неформалната средба. Исто така, отсуството на другите лидери од партискиот спектар во Македонија ја наметнува дилемата: во што е Ахмети поголем лидер од другите партиски лидери? Односно зошто на неформалната средба ги нема: Ангелов, Касами, Мицкоски, Морачанин, Таравари, Трајанов и сите други партиски лидери?
Ваквите констатации некако водат до одговор во реторичка форма: Дали ова е само уште една „неформална потврда“ дека всушност Али Ахмети е македонскиот премиер од сенка, бидејќи и со неговото досегашно појавување и однесување покажа дека сите други државни и партиски функционери во земјава се де факто – подредени под него?
– Заблуда е перцепцијата дека Али Ахмети е премиер во сенка. Тој воопшто не е во сенка и не е премиер, туку се однесува сосема над демократската хиерархија на државни функции. Неговото однесување е на ниво на владетел, на крал, без никаква одговорност за одлуките што ги носи и наложува. Таквиот феномен на владеењето на Али Ахмети е апсолутен доказ за непостоење на Македонија како демократска држава, односно состојба на нефункционалност на државата, во која се негираат сите институции. Што е уште позагрижувачки, тоа очигледно го препознаваат и меѓународните фактори, односно странските амбасадори во земјава. Па сѐ почесто како граѓани на земјава сме соочени со фактичка состојба, странските амбасадори да одат на средби директно кај Али Ахмети и пораките за Македонија да ги испраќаат преку него. Значи, пораките не се испраќаат ниту преку претседателот на државата, ниту преку премиерот, ниту преку Собранието, пратениците…, туку преку лидерот на една партија, со дузина пратеници. Таквата практика го прави Ахмети „посебна институција“, која е над сите институции. Кажано наглас, станува јасно дека живееме во страшна состојба што покажува дека воопшто не сме демократска држава – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.