ФУДБАЛ
ФИФА идната недела ќе објави каде ќе се игра финалето на СП 2026
Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека распоредот на мечевите на Светското првенство (СП) во 2026 година ќе биде објавен на 4 февруари. Распределбите на градовите домаќини за 104-те натпревари на СП ќе бидат објавени за време на посебна програма, како и местата за отворањето на турнирот во Канада, Мексико и во САД, потоа градовите каде што ќе играат домашните репрезентации и градот каде што ќе се игра финалето, пишува ФИФА. Канада првпат ќе биде домаќин на СП за фудбалери, Мексико ќе стане првата земја што третпат ќе организира мундијал (претходно во 1970 и во 1986 година), а САД вторпат ќе бидат домаќини (претходно во 1994 година). Мечевите треба да се играат во Атланта, Бостон, Далас, Гвадалахара, Хјустон, Канзас, Лос Анџелес, Мексико сити, Мајами, Монтереј, Њујорк, Филаделфија, Сан Франциско, Сиетл, Торонто и во Ванкувер, пишува ФИФА. Н.М.
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Крафт е нов рекордер во Светскиот куп
Стефан Крафт (Австрија) забележа нова победа во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови, во Закопане (Полска), и рекорден 109-ти пат се искачи на подиумот, објави Интернационалната скијачка федерација. Тој го престигна доскорешниот рекордер Јане Ахонен (Финска), а двајцата се единствени со трицифрен број пласмани на првите три места во натпревар во скијачки скокови во СК. На листата со победи, пак, води Грегор Шлиренцауер (Австрија) со 53, а потоа се Мати Никенен (Финска) со 46, Адам Малиш и Камил Стох (двајцата од Полска) со по 39, Крафт со 37, Ахонен со 36… Крафт со 1.089 поени е прв во генералниот пласман во СК, пред Андреас Велингер (Германија) со 837 и Рјоју Кобајаши (Јапонија) со 736. Н.М.