Фото: „Нова Македонија“

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминатиов период Македонија има рекордно ниско ниво на пошумување, а тоа е особено забележливо во изминатите неколку години. Податоците на Државниот завод за статистика исто така покажуваат дека порано пошумувањето било за дваесетина пати поголемо, а како рекордна година може да се одвои 1983 година, кога биле пошумени 11.328 хектари. Податоците на Државниот завод за статистика исто така потврдуваат дека обновата на шумските површини се намалува во Македонија. Имено, во 2010 година биле пошумени 2.969 хектари, во 2011 година – 2.081 хектар, во 2012 година – 1.374 хектари, а во 2020 година – 569 хектари. Дополнително на тоа, последните податоци од ЈП Национални шуми потврдуваат дека во 2023 година е обновена шумска површина од 300 хектари

Обновата на шумските површини како повод

Обновата на шумските површини има извонредно значење од неколку аспекти, особено во поглед на подобрувањето на квалитетот на воздухот и водата, како и борбата против климатските промени. Во неколку релевантни извештаи исто така се констатира дека уништувањето на шумите е ризик по здравјето на населението и е закана за исчезнување на растенијата и животните, а дополнително се доведува во прашање и егзистенцијата на луѓето што зависат од шумите. Но и покрај предупредувањата на експертите за негативните последици од намалувањето на шумските површини, од Обединетите нации нагласуваат дека околу 2 милијарди хектари, површина што е двојно поголема од Народна Република Кина, се деградираат поради прекумерна употреба, суша и неодржливи практики за управување со шумите и земјиштето. Затоа повеќемина експерти и познавачи на состојбите, вклучувајќи и неколку меѓународни организации и фондации, повикуваат на планомерна и систематска обнова на шумските површини.
Пошумувањето е координирана акција помеѓу државните институции и невладиниот сектор, но позитивниот исход од обновата на шумските површини најчесто зависи од директното учество или помош на државата. Од Обединетите нации како позитивен пример во оваа насока се посочува т.н. Голем зелен ѕид во Африка, проект на повеќе од 20 држави, вклучувајќи ги Сенегал, Нигерија и Етиопија. Засадувањето на овој зелен ѕид започна пред 14 години и замислено е да се простира на должина од 8.000 километри, од западниот до источниот брег на африканскиот континент. Честопати обновата на шумските површини е стратегиски планирана, а таков е примерот и со Пакистан, кој во 2017 година ја исполни целта за засадување милијарда дрвја, а во 2018 година постави и нова цел, односно засадување на 10 милијарди дрвја во наредните неколку години. Во слична насока е и одлуката на индиската влада за зголемување на шумскиот простор за 95 милиони хектари до 2030 година.
Слични дејства беа преземени и од страна на македонското министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Национални шуми, во координација со неколку приватни субјекти. Во тој правец е акцијата што започна минатата година и ќе трае до март 2024 година, со која е предвидено пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници, како бел и црн бор, јавор, багрем, смрека, даб, чемпрес, јасен, костен и ела. Досега во текот на оваа акција беше спроведено пошумување на локации во Делчево, Берово, Куманово и во Велес, а според податоците на ЈП Национални шуми во 2023 година биле посадени 800.000 садници на површина од 300 хектари.
Меѓутоа и покрај напорите за обнова на шумските површини од страна на надлежните институции, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминативе години Македонија има рекордно ниско ниво на пошумување, а тоа е особено забележливо во изминативе неколку години. Податоците на Државниот завод за статистика исто така покажуваат дека пошумувањето било за дваесетина пати поголемо, а како рекордна година може да се одвои 1983 година, кога биле пошумени 11.328 хектари. Податоците на Државниот завод за статистика исто така потврдуваат дека обновата на шумските површини се намалува во Македонија. Имено, во 2010 година биле пошумени 2.969 хектари, во 2011 година – 2.081 хектар, во 2012 година – 1.374 хектари, во 2013 година – 1.501 хектар, во 2014 година – 1.064 хектари, во 2015 година – 1.211 хектари, во 2016 година – 1.044 хектари, во 2017 година – 553 хектари, во 2019 – 965 хектари и во 2020 година – 569 хектари. Дополнително на ова, последните податоци од ЈП Национални шуми потврдуваат дека во 2023 година е обновена шумска површина од 300 хектари.
Познавачите на оваа проблематика посочуваат дека состојбата е алармантна и дека надлежните институции треба сериозно да се зафатат со обновата на шумските површини бидејќи во изминативе години низ Македонија од пожари изгореа повеќе илјади хектари шума, како што е примерот со 2019 година, кога изгореа повеќе од 10 илјади хектари шумски дрвја. Д.Ст.


Зошто е значајно пошумувањето

Пошумувањето е процес на обновување на шумските површини, а придобивките од пошумувањето се многубројни, како на долг, така и на краток рок. Повеќемина експерти посочуваат дека пошумувањето е всушност борба против климатските промени, бидејќи дрвјата апсорбираат јаглерод диоксид, кој е главен стакленички гас што придонесува за глобалното затоплување. Кога шумите се уништуваат, јаглеродот складиран во дрвјата се ослободува во атмосферата, што придонесува за климатските промени. Пошумувањето помага да се отстрани јаглеродниот диоксид од атмосферата и да се складира во дрвјата и почвата.
Обновувањето на шумските површини исто така го подобрува и квалитетот на воздухот и на водата, бидејќи дрвјата исто така играат клучна улога во регулирањето на квалитетот на воздухот и водата. Дрвјата апсорбираат загадувачи како што се азот оксид, сулфур диоксид и јаглерод моноксид, што може да доведе до респираторни проблеми и други здравствени проблеми. Дрвјата исто така помагаат да се филтрира водата, да се намали ерозијата и да се подобри квалитетот на водата.
Пошумувањето исто така го заштитува и биодиверзитетот, шумите се дом на околу 80 отсто од копнениот биодиверзитет во светот, вклучувајќи растенија, животни и инсекти. Кога се уништуваат шумите, оваа биолошка разновидност се губи, што може да има катастрофално влијание врз екосистемите. Пошумувањето помага да се обноват живеалиштата и да се заштитат загрозените видови.