Фото: Илустрација/Принтскрин - Јутуб

Американската војска соопшти дека уште еден проектил истрелан од бунтовниците Хути со седиште во Јемен бил пресретнат на југот на Црвеното Море.

Бунтовниците вчера истрелаа противбродска крстосувачка ракета кон разурнувач на американската морнарица околу 13.45 часот, објави регионалната команда на американската војска, денеска во раните утрински часови на „Екс“.

Ракетата била пресретната од американските воздухопловни сили во близина на јеменскиот крајбрежен град Ал Худаида. Нема извештаи за жртви или материјална штета.

Од избувнувањето на војната во Газа меѓу Израел и исламистичката милитантна организација Хамас, бунтовниците Хути поддржани од Иран постојано напаѓаат бродови во Црвеното Море.

Големите бродски компании за транспорт се повеќе ја избегнуваат рутата. САД и Велика Британија, поддржани од Холандија, Канада, Австралија и Бахреин, неодамна нападнаа позиции на Хутите во Јемен.


Американските напади врз Јемен му наштетуваат на светскиот бродски транспорт, тврди шефот на Хезболах

Шефот на либанското движење Хезболах, поддржано од Иран, Хасан Насрала синоќа изјави дека неодамнешните американски напади врз милицијата Хути во Јемен ќе му наштетат на светскиот бродски транспорт во Црвеното Море.

САД и нивните сојузници на почетокот на минатата недела почнаа серија напади против Хутите, поддржани од Иран, откако тие постојано ги напаѓаат трговските бродови во Црвеното Море. Хутите ветија ќе се одмаздат, потсетува ДПА.

– Неодамнешната агресија врз Јемен претставува американско-британска глупост и американска недоследност – рече Насрала во телевизиско обраќање.

Во првиот напад учествуваше Велика Британија, а акцијата ја поддржаа Холандија, Канада, Бахреин и Австралија.

– Во исто време кога Американците повикуваат да не се прошири војната, тие ја прошируваат, додаде тој и додаде дека „она што Американците го направија во Црвеното Море ќе и наштети на меѓународната пловидба во целина“.