Фото: ЕПА

Хрватска

Три момчиња на возраст од 14 години исчезнале во Загреб и во Риека за само 24 часа, објавено е на веб-страницата за исчезнати лица во Хрватска, на која има и опис на момчињата и што носеле во моментот на нивното исчезнување. Се апелира до граѓаните доколку имаат информации за исчезнатите момчиња, телефонски или електронски да пријават во најблиската полициска станица. Прв исчезнал Иван Шнајдар, роден во 2009 година, на 7 јануари, кој се оддалечил од својата адреса во Загреб. Еден ден подоцна во Риека исчезнал Лукас Кираљ Јеремиќ, исто така роден во 2009 година, а истиот ден, 8 јануари, во Загреб исчезнал и Патрик Гецк, роден во 2009 година.
Директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, во Белград изјави дека сѐ уште нема јасни мотиви за исчезнувањето на трите момчиња во Хрватска, но не ја исклучува можноста дека причината е трговија со луѓе.
– Тоа е можност, но не би зборувал за претпоставки додека навистина не се докаже што точно се случило и каде се децата. Она што е исто така важно да се спомене е дека загрижува тоа што децата се речиси на иста возраст, а тоа е дополнителна грижа не само за граѓаните во Хрватска туку и во целиот регион,. Кога ќе се случи вакво нешто, ниту еден родител во целиот регион не може да се чувствува безбедно за своите деца – рече Јуриќ.
Јуриќ истакна дека од самиот почеток на системот „Најди ме“ или „Амбер алерт“ идејата била тој да постои во сите земји од регионот.
– Она што е важно луѓето да го знаат е дека е битно сите да учествуваме во потрагата по исчезнатите деца. Денеска исчезна дете во Хрватска, а мора да бидеме свесни дека утре тоа може да се случи и во Македонија, Србија и Црна Гора. Затоа, многу е важно сите да учествуваме во тие потраги – рече Јуриќ.

Ангел Митревски, специјален известувач од Хрватска