Неговата неспоредлива разновидност, грациозните транзиции помеѓу одбраната и средниот ред, беспрекорната контрола на топката и визионерскиот стил го променија начинот на кој се играше фудбал во неговата ера, рече претседателот на УЕФА, Чеферин, за фудбалскиот револуционер Бекенбауер, пишува агенцијата АП
ПОЧИНА ГЕРМАНСКАТА ФУДБАЛСКА ЛЕГЕНДА
Со тоа што направи чекор назад, Франц Бекенбауер се стави себеси чекор напред. Позицијата во фудбалот „либеро“, која опишува играч што имал улога на покривање зад одбранбената линија, не беше сосема нов концепт за фудбалот до крајот на 1960-тите и во почетокот на 1970-тите, но никој што играл на таа ретка позиција никогаш не го сторил тоа со визијата, грациозноста и способноста со топката што ги покажа Бекенбауер, фудбалскиот револуционер, кој почина на 78-годишна возраст, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Олицетворение на елеганцијата, Бекенбауер се сметаше за пионер затоа што внесе напаѓачки елемент во најдлабоката позиција на теренот. Без разлика дали тоа беше излегување од задниот дел со топката во неговите нозе или избирање соиграч со долго прецизно додавање, тој беше фудбалерот што ги почнуваше нападите на неговиот тим.
– Како дете тој беше првиот странски фудбалер за кој некогаш сум слушнал. Тоа е затоа што ако некој играч се обидеше да игра одзади, на професионално или на аматерско ниво, ќе слушнев: „Тој мисли дека е Бекенбауер“. Тоа само го покажува влијанието што тој го имаше врз светската игра и како помогна да се промени – напиша поранешниот дефанзивец на Англија и на Ливерпул, Џејми Карагер, на X, поранешен Твитер.
Бекенбауер почна како централен играч од средниот ред, позицијата на која играше во финалето на Светското првенство во 1966 година кога Германија загуби од Англија, и играше таму понекогаш подоцна во кариерата. Но како либеро тој навистина стана феномен преку начинот на кој ја читаше играта и ја истражуваше сцената пред себе.
– Тој во суштина беше играч од средниот ред што играше назад и го направи тоа да изгледа толку лесно – изјави за „Би-би-си“ Пол Ламберт, победник во Лигата на шампионите со Борусија Дортмунд во 1997 година.
Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, рече дека интерпретацијата на Бекенбауер на улогата на либеро ја промени играта. Со оглед на тоа што современиот стопер обично е среден централен дефанзивец во бековската тројка, Бекенбауер беше еден од двајцата номинални централни бекови користени како либеро зад линијата од тројца играчи и го избираше својот момент да излезе и да го засили средниот ред. Таа конкретна улога исчезна од играта, иако живее во централните бекови што играат со топка во бековската четворка како Давид Алаба во Реал Мадрид или, пред неколку години, Рио Фердинанд во Манчестер јунајтед, пишува АП. Таква беше неговата извонредност, па Бекенбауер беше и двократен добитник на „златната топка“ (1972 и 1976 година), во ера кога освои три трофеи во низа во Германија (1972-74) и три европски титули по ред (1974-76). Неговиот најпознат гол може да биде тој од слободен удар со надворешната страна од десната копачка за Баерн во Дисбург во 1974 година, пример за класата, пишува АП.
Од сите почести за Бекенбауер што беа објавени во понеделникот, малкумина беа толку соодветни како онаа на претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, пишува АП.
– Неговата неспоредлива разновидност, грациозни транзиции меѓу одбраната и средниот ред, беспрекорната контрола на топката и визионерскиот стил го променија начинот на кој се играше фудбал во неговата ера – рече Чеферин.
Бекенбауер, кој заедно со Французинот Дидие Дешам и со Бразилецот Марио Загало е единствениот што беше светски првак како фудбалер и како селектор, е една од најзначајните и најважни фигури во фудбалот на теренот и надвор од него, пишува „Би-би-си“. Бекенбауер, Дешам и Шпанецот Икер Касилјас, пак, се единствените што како капитени биле европски и светски прваци со репрезентациите и клупски европски шампиони. Бекенбауер со Баерн четири пати беше првак на Германија и уште еднаш со Хамбургер, со Баерн четири пати го освои Купот, трипати беше европски првак, по еднаш победник на Купот на победниците на куповите и светски клупски првак, а со Њујорк космос трипати првак на САД. Како тренер со Баерн по еднаш беше шампион на Германија и победник на Купот на УЕФА (сега Лига Европа). Со репрезентацијата тој беше светски и европски првак како фудбалер и планетарен шампион како селектор. Н.М.