Фото: ЕПА

Релито ќе заврши на 19 јануари, една етапа е со должина од 450 км, а победникот ќе треба да извози 7.891 км

АВТОМОБИЛИЗАМ – 46. РЕЛИ ДАКАР 2024

Релито Дакар е најпозната, најтешка и најдолга песочна рели-трка, која поминува низ разновидни предели и каде што се тркаат возила наменети за секаков терен. Годинава релито има нов концепт, односно 48-часовна трка, каде што натпреварувачите имаат рок до 16 часот да стигнат до една од осумте локации за преноќување. На располагање имаат минимален сет со алат и само два часа за евентуални поправки на возилото, оти следната етапа почнува во седум часот следниот ден.
Австралискиот мотоциклист Тоби Прајс најави дека ќе атакува на третата титула на релито што започнува денеска. Тој во кариерата веќе има две победи. Лани беше втор, заостанувајќи 43 секунди зад клупскиот возач, Аргентинецот Кевин Бенавидес.
– Претстојното рели Дакар ќе биде мое десетто, а инаку деветто за тимот на КТМ. Во претходните девет, шест пати бев на подиумот. Имам две победи, едно второ и три трети места. Би било одлично ако победам во мојот десетти настап – изјави Прајс.
Организаторите ветуваат дека ова ќе биде најдолгиот и најтежок рели-спектакл организиран во Саудиска Арабија. Релито ќе трае две недели, а ќе заврши на 19 јануари. Една етапа е со должина од 450 км, а победникот ќе треба да извози 7.891 км. Г.И.