Украинските војници утринава двапати го гранатираа Белгород, објави гувернерот на таа руска област, Вјачеслав Гладков, додека руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 12 проектили.
– Ситуацијата во Белгород сѐ уште е напната. Од утрово има две гранатирања. Работеше противвоздушната одбрана – напиша Гладков на својот канал на Телеграм, пренесуваат руските медиуми.
Претходно Гладков изјави дека во тој град во близина на границата со Украина бил активиран аларм за предупредување за ракети.
Гувернерот рече и дека селото Солоти во Белгородската област исто така било цел на украинските сили, но дека нема повредени.
Во вчерашното гранатирање на Белгород од украинска територија, едно лице загина, а 11 беа ранети, додека во гранатирањето на 30 декември загинаа 25 лица, меѓу кои пет деца, додека стотици луѓе беа ранети.