Фото: Пиксабеј

Често може да слушнете дека јаглехидратите се најголемите „непријатели“ на луѓето што сакаат да ослабат, но тие всушност му се неопходни на човечкото тело бидејќи го снабдуваат со енергија. Сепак, прекумерното внесување јаглехидрати може да доведе до одредени несакани ефекти.
Според нутриционистката Џулијана Дјуснеп, сложените јаглехидрати се многу пожелни во исхраната и бараат повеќе енергија и време за да се разложат во шеќер за енергија. Многу сложени јаглехидрати се одличен извор на влакна и хранливи материи што промовираат губење на тежината, ситост и здравје на цревата. Сепак, поважно е да се фокусираме на квалитетот на јаглехидратите отколку на количеството, бидејќи тоа може да доведе до низа непријатни симптоми.

Подуени сте

Ако постојано сте подуени, причината може да бидат јаглехидратите. Шеќерот од јаглехидратите може да ја намали разновидноста на здравите бактерии во нашите црева, правејќи го нашиот дигестивен систем слаб, што потоа создава надуеност.
Покрај тоа, бактериите во вашето дебело црево ферментираат влакна, скроб и некои шеќери, кои произведуваат гасовити соединенија во телото. Тоа се случува најчесто кога консумираме рафинирани јаглехидрати.

Се дебелеете

Јадењето вишок јаглехидрати може да доведе до вишок калории, бидејќи храната богата со јаглехидрати често е богата со масти. Слатките како колачите, покрај јаглехидратите, најчесто содржат и големи количества масти, кои се значително калорични. Освен тоа, луѓето често јадат јаглехидрати како компири со различни висококалорични сосови.

Имате акни

Иако акните се појавуваат за време на пубертетот, многу возрасни имаат проблеми со оваа непријатна појава. Акните можат да бидат предизвикани од нашата генетика и хормони, но може да бидат и знак дека јадеме премногу јаглехидрати. Шеќерите од јаглехидратите го зголемуваат производството на андрогени, кои се поврзани со хормоналните акни.

Имате проблеми со спиењето

Консумирањето јаглехидрати бара од вашето тело да работи и да го обработува шеќерот, па ако ги јадете пред спиење, барате од вашето тело да работи, а не да се одмори.

Цело време сте уморни

Ако се чувствувате особено уморно, јаглехидратите би можеле да придонесат за таа летаргична состојба. Таканаречената мозочна магла и главоболки се исто така симптоми на прекумерна консумација на јаглехидрати. Кога избирате оброк базиран на јаглехидрати, важно е да го комбинирате со други хранливи материи, како здрави протеини и масти.
Според „Сенфорд хелт“, јадењето премногу јаглехидрати може да го зголеми шеќерот во крвта и да предизвика пад, што прави да се чувствувате слабо. За да избегнете пад, јадете јаглехидрати со други хранливи материи.