Во истрагата се вклучени дејства за откривање лица кои регрутираат малолетни лица, за меѓусебно вмрежување при извршување најтешки кривични дела

Од самиот почеток се сомневавме дека некој некаде освен што добил пристап до оружје и бил обучен да го користи оружјето, го пронашол тоа момче на интернет и на тој начин извршил дополнително влијание. Можеби во тој момент само преку интернет, а подоцна и физички. Дали малолетниот Коста Кецмановиќ бил регрутиран во мрежа малолетни лица за извршување најтешки кривични дела?

НОВИ ИНТЕРЕСНИ ДЕТАЛИ ОД СЛУЧАЈОТ „РИБНИКАР“ -МАСАКРОТ ВО УЧИЛИШТЕТО „ВЛАДИСЛАВ РИБНИКАР“ ВО СРБИЈА

Малолетникот Коста Кецмановиќ, кој на неполни четиринаесет години направи масакр во училиштето „Владислав Рибникар“ во Србија, при што уби девет лица и ја повреди својата наставничка, според некои нови индикатори од истрагата, кои деновиве силно одекнаа во српската јавност, бил дел од организирана мрежа на деца убијци. Медиумите пишуваат дека истрагата продолжила и се интензивирала, а не дека е завршена, како што се шпекулираше во јавноста.

ВО ИГРА И ИНДИЦИЈА ДЕКА СТАНУВА ЗБОР ЗА ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД

И покрај тоа што официјално е поднесено обвинение, српските истражни органи не ја прекинаа постапката за да ги утврдат причините поради кои малиот Коста направи масакр во српското училиште, кога уби свои другари со кои секојдневно се дружеше. Властите се обидуваат да дознаат кој стои зад крвавиот поход на малолетникот, кој го шокира буквално целиот свет.
Во прилог на сомнежите дека Коста не дејствувал сам одат и сознанијата на косовската полиција за 16-годишното момче Б.М. од Пеќ, кое планирало напад врз средношколци во тој град, а било во контакт со малиот Коста.
– Во текот на истрагата е утврдено дека малолетникот имал контакт со повеќе лица од странство, меѓу кои и момчето што во мај го изврши убиството во Белград – пишуваат косовските медиуми.
Дополнително, за време на истрагата, која сѐ уште ги утврдува деталите, голем проблем за властите предизвикува провајдерот СББ, чии сопственици одбиваат да му ги дадат ИП-адресите на обвинителството за да се утврди со кого Коста комуницирал пред да го изврши монструозното убиство.
Се верува дека проверката на комуникациите на малолетното момче може многу да помогне во истрагата и да даде одговори на многу прашања, а најмногу на мотивот зад кој се крие масовното убиство. Властите се надеваат дека ќе дознаат кој стои зад делото на Коста и дали во светот има случаи што се меѓусебно поврзани.
Според српските адвокати што се упатени во случајот, постои сомнеж дека Коста всушност извршил терористички напад, со цел во Србија да се предизвика состојба на општ страв и паника.
– Од самиот почеток, сите се сомневавме дека некој некаде освен што добил пристап до оружје и бил обучен да го користи оружјето, го пронашол тоа момче на интернет и на тој начин извршил дополнително влијание. Можеби во тој момент само преку интернет, а подоцна и физички. Едноставно е неверојатно 13-годишно момче да се разбуди наутро, да земе два пиштола, чаури, да дојде и да каже: „Ќе го убијам половина училиште“. Сѐ повеќе сум убедена во овие тези – вели адвокатката Зора Добричанин.
Во досегашната истрага е утврдено дека Коста ја играл популарната и исклучително насилна видеоигра „Валорант“, во која тимови од пет играчи се напаѓаат и убиваат, а играта се игра додека противничкиот тим не е целосно истребен. Се претпоставува дека момчето на тој начин влегло во мрежата на своите врсници, бидејќи играчите се од различни земји и различни континенти.
– Тие игри се идеални за регрутирање млади луѓе и нивно насочување кон криминал. Тоа е огромен празен простор без контрола и надзор во кој се вметнати служби и секти. Едноставно, на децата им се перат мозоците и се полнат со содржина каква што сакаат тие. Откако ќе ги земат под своја контрола и наводна закрила, со нив можат да прават буквално сѐ што сакаат. За жал, Коста ги имаше сите услови да подлегне на тоа влијание – велат сајбер-експертите.

ИГРА ПОЛНА СО НАСИЛСТВО ЗАД КОЈА СЕ КРИЈАТ ВРБУВАЧИ (ЛИЦА ШТО РЕГРУТИРААТ ДРУГИ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НЕДОЗВОЛЕНИ ПОВЕДЕНИЈА)

Според истражувањата, дури 80 проценти од играчите на „Валорант“ во еден момент биле жртви на некаков вид малтретирање, независно дали станува збор за вербално, смртни закани, пцости, омаловажување…
– Играчите можат да се поделат во две групи. Во првата има такви со предиспозиција да преминат од виртуелно во вистинско насилство во реалниот свет, па дури и да извршат криминал, како што е случајот со Коста. Во втората има деца што го сфаќаат сето тоа само како игра и многу брзо се ставаат во групата на одметници, бидејќи не се вклопуваат во идеите на оние што всушност ги регрутираат малите убијци – велат познавачите.

СЛИЧНИ СЛУЧАИ НИЗ СВЕТОТ

Седумнаесетгодишниот Итан Кранбли од Мичиген во 2021 година изврши слично убиство како и малиот Коста. Тој уби четворица и рани шест ученици и еден наставник во средното училиште во кое учеше. Осуден е на доживотен затвор, а за време на судскиот процес изјави дека не можел да се смири.
– Јас сум навистина лош човек. Направив страшни работи, не можам да објаснам – изјави тој тогаш.
И неговите родители беа обвинети дека не се грижеле за менталното здравје на детето и дека не го скриле оружјето со кое Кранбли го изврши масакрот.
Дента кога го извршил убиството, родителите биле повикани на училиште поради цртежи со насилство, меѓутоа никој не се сетил да го провери неговиот ранец, каде што тој всушност го носел пиштолот со кој за само неколку часа подоцна го сторил делото.
Пред само неколку дена, четиринаесетгодишната Русинка Алина со оружјето на својот татко во средното училиште во кое учи ја уби својата другарка Марина, а тешко ги повреди наставничката и четворица соученици. Веднаш потоа таа си го одзеде животот.
Според експертите, големи се сличностите со малиот Коста. Сите се на иста возраст, тивки се и повлечени, сите имале список според кој ја реализирале ликвидацијата, а оружјата се оддома, односно на нивните родители.