На седницата на Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) што се одржа на 13 декември (среда) во Солун, Грција, беше потврден изборот на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, за претседател на асоцијацијата во следната година.
Досегашниот претседател Јоанис Масутис, кој истовремено е и претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, и официјално му го предаде раководењето со асоцијацијата, при што од негова страна беше истакнато дека потребата од соработка меѓу коморите е голема зашто има влијание врз економиите од целиот регион.
Азески се заблагодари за можноста да придонесе за исполнување на поставените приоритети во заедничката агенда на АБК, кои во 2024 година преку нашето претседателство ќе бидат клучни приоритети на земјите од регионот, сѐ со цел создавање поголем економски раст. Тој го истакна значењето од реализација на инфраструктурните проекти и поддршката што државите, но и меѓународните финансиски институции треба да ја дадат за напредок на целиот регион.
Извозот, инвестициите и инфраструктурата ќе бидат ставени во фокусот за време на претседателството од страна на Стопанската комора на Македонија.
– За мене Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит. И како лидер на Стопанската комора мојата цел е да го подигнам регионот на ново рамниште, со една мрежа што ја изградив низ годините. Балканот е прекрасно место, нема ниту тајфуни, ниту цунами, ниту циклони што значи дека кафезот е од злато, ама „биљбиљот“ внатре не чини. За нас извозот е решение и треба да го дуплираме. Тој е алфа и омега на нашето постоење. Нашите компании работат одлично и со грчките и со албанските и со турските. Зошто не го гледаат тоа политичарите? Зошто не ги тргнат границите? Нас, кои сме претставници на приватниот сектор, не нѐ интересира политика. Пуштете нѐ да работиме – истакна Азески на Генералното собрание на АБК во Солун.
На седницата се расправаше и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот, вклучувајќи ги перспективите на балканските земји да се приклучат на Европската Унија и еврозоната, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.