Според Регулаторната комисија за енергетика, оваа давачка, т.н. „пристап до мрежа“, има цел правично да се распоредат трошоците кај граѓаните бидејќи оттаму сметаат дека станува збор за луксуз, а домашните енергетски компании се должни да ја одржуваат електричната мрежа за да може тие куќи, станови и викендички да имаат пристап до електрична енергија 365 дена во годината

Краток осврт кон новата давачка за становите и куќите што сопствениците не ги користат

Сопственици на викендички, напуштени куќи во планинските и руралните делови на земјата, имоти на лица што со години се во странство или едноставно не ги користат во најголемиот дел од годината во иднина ќе плаќаат фиксен надоместок наречен „пристап до мрежа“ во состав на сметката за струја. Иако станува збор за објекти во кои сопствениците можеби доаѓаат ретко, ваквиот надоместок ќе мора да се плаќа, бидејќи одржувањето на мрежата е многу скапо, велат надлежните. Според Регулаторната комисија за енергетика, оваа давачка има цел правично да се распоредат трошоците кај граѓаните бидејќи сметаат дека станува збор за луксуз, а домашните енергетски компании се должни да ја одржуваат електричната мрежа за да може тие куќи, станови и викендички да имаат пристап до електрична енергија 365 дена во годината.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека новата давачка „пристап до мрежа“ ќе се најде на одредени сметки за струја и со новата одлука, мрежарината за дистрибуција би се намалила и за 20 отсто.
– Мрежарината учествува со 33 отсто во конечната цена на струјата, а со воведувањето на „пристапот до мрежа“ ќе се намали до 20 отсто, што значи намалување на конечната цена на струјата за 8 отсто кај редовните потрошувачи. Сопствениците на имот што ќе бидат опфатени со данокот „пристап до мрежа“ или данокот на луксуз ќе треба да плаќаат меѓу 50 и 150 денари месечно повеќе – посочува Бислимоски.
Оваа давачка, според него, е поправедна кон сите други што редовно плаќаат електрична енергија, додавајќи дека вакви примери има во повеќе земји низ Европа – се плаќа симболична цена за да им се помогне на редовните потрошувачи.

Мрежарината сега ќе има фиксен и варијабилен дел: „Пристапот до мрежа“
е фиксниот дел

Според професорот на Факултет за електротехника и информациски технологии, Рубин Талески, најголем број потрошувачи ќе добијат пониски сметки за мрежарина, додека оние што користат викендички ќе плаќаат за пристап до мрежа.
– Со оваа реформа ќе се заокружи процесот на фер сметки и ќе се обезбеди правична распределба на трошоците меѓу оние што редовно ја користат мрежата, од другите што го прават тоа повремено, како во викендичките или, пак, поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици – вели Талески.
Тој објаснува дека досега потрошувачите, корисниците на мрежата плаќале мрежарина што де факто се состои од повеќе делови меѓутоа, додава, дека сега има фиксен и варијабилен дел.
– Пристапот до мрежа ќе биде тој фиксен дел. За сметка на тоа ќе се намали варијабилниот дел или делот што сега само како еден се плаќа, а тоа е трошок или надоместок за дистрибуиран или пренесен киловат-час. За домаќинствата тоа е цена по киловат-час, а за поголемите, и кај нив има не само кај домаќинствата, кај поголемите индустриски потрошувачи, комерцијални потрошувачи, тие плаќаат надоместок и за ангажирана моќност. Со воведувањето, ова се приближни бројки на овој фиксен надоместок, варијабилниот надоместок, односно сегашниот надоместок ќе се намали за некаде до 20 отсто за домаќинствата и малите потрошувачи од категорија – истакнува Талески.
Според Талески, причина за воведувањето е поправична распределба на трошоците и електричната енергија, колку и да е потребна, насушна на сите нас, сепак е тоа некаква привилегија.
– Некој треба да изгради мрежа, да ја одржува мрежата и да биде подготвен во секое време да ви обезбеди услуга. Тој луксуз треба на некој начин да се плати. Е сега, ако во државата имате некаде околу 250 илјади броила или мерни места што или не трошат струја или некои од нив трошат многу малку, сепак дистрибуција треба за нив да обезбеди услуга, независно дали потрошиле електрична енергија или не, а не може да наплати бидејќи многу малку трошат. Затоа ние сега другите што нормално трошиме и навистина ни треба електричната енергија треба да ги плаќаме трошоците за нив. Од тој аспект овој надоместок воведува поправична распределба – појаснува професорот.

Ако средствата од „пристапот до мрежа“ се искористат за олеснување на постојаните потрошувачи, тоа е во ред, но ако само заработат енергетските компании, тогаш не е во ред

Според Ангел Димитров, сопственик на фабриката за конфекција „Мода“ и претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, постои логика во новото решение за плаќање надомест „пристап до мрежа“ за викендичките, напуштените куќи, имоти на лица што се во странство и други објекти што се користат повремено во годината.
– Енергетските компании не само што треба да ја одржуваат мрежата туку треба да имаат обезбедено електрична енергија во секој момент кога овие корисници ќе се појават на мрежата. Како ќе се искористат овие средства што ќе се соберат од новата давачка е друго прашање. Ако овие средства се искористат за олеснување на постојаните потрошувачи, тоа е во ред, но ако само заработат енергетските компании, тогаш не е во ред, затоа што според информациите ние во овој момент имаме многу големи издатоци за дистрибутивната мрежа – укажува Димитров.
Тој додава дека загрижуваат и најавите за одредени давачки што ќе треба да ги плаќаат сопствениците на фотоволтаични централи, затоа што од една страна велиме дека треба да ја поддржуваме транзицијата кон зелена енергија, а од друга страна сакаме да ги оптовариме со нови давачки.


Зголемувањето на цената на струјата би било за 27 отсто

Според Регулаторната комисија за енергетика, доколку се прифатат барањата од компаниите, зголемувањето на цената на струјата би било за 27 отсто.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рече дека почнуваат анализите за цената на струјата и дека до крајот на следната недела се очекува да се донесат цените за МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција.
Барања поднеле овие три компании, но дел од нив, како што рече Бислимоски, не се целосни поради тоа што тендерот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите кај МЕПСО треба да се реализира до крајот на оваа недела, а исто така и Електродистрибуција го доставила барањето пред да го реализира нивниот тендер, поради што во нивното барање ги нема податоците за трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите.
– Затоа РКЕ не може точно да каже колку МЕПСО побарал и колку има побарано Електродистрибуција. Исто така имаме информација кај тендерот за универзалниот снабдувач дека ЕСМ понудил цена и веќе тоа е цена што ќе се реализира од 57 евра за мегават-час наместо претходните 53 евра за мегават-час и наместо обезбедување на вкупните потреби од 100 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе биде 95 проценти – појасни Бислимоски.
Потоа, во согласност со измените на Законот за енергетика, универзалниот снабдувач ќе треба да направи пресметки, кои треба да ги достави на контрола во РКЕ.
– Во таа контрола имаме право да донесеме и посебна одлука со точно утврдени забелешки и таа одлука ќе биде обврзувачка за универзалниот снабдувач – објасни Бислимовски.


Министерот Бектеши уверува дека струјата нема да поскапи

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека од 1 јануари ќе нема зголемување на износот на фактурата за струјата за граѓаните и покрај новата методологија и новата ставка за пристап до мрежа, од која, според него, се засегнати граѓаните што имаат викендички, по две-три куќи или два-три стана.
– Цената за домаќинствата и малите потрошувачи нема да се зголеми од 1 јануари, во спротивно ќе имаат дополнителна можност со користење на евтината тарифа да им биде намалена – рече Бектеши.
Тој порача дека имаме правична методологија и во согласност со категориите на граѓани.
– Во состав на Енергетскиот совет речиси веќе една година се работи на нова методологија, сѐ со цел да се врати евтината тарифа, наедно на новите давачки, а тоа ќе тангира одредени групи граѓани што имаат викендички, по две-три куќи, два-три стана и слично, поради тоа што во делот на наплаќање за дистрибутивната мрежа повеќе плаќаат тие граѓани што навистина користат електрична енергија, каде што пресметката се применува врз потрошувачката и колку е користено како мрежа. Тие што имаат викендички и користат еднаш, двапати, трипати во годината, тие што не ги користат становите, куќите, ќе го платат тој надомест, а за граѓаните што навистина користат електрична енергија и имаат еден стан или куќа ќе се намали ставката за дистрибутивна мрежа. Тоа значи дека имаме правична методологија и во согласност со категориите на граѓани во нашата држава – додаде Бектеши.
Граѓаните што имаат повеќе потреба од поддршка, потенцира, се во рамките на првиот и вториот блок.
– Повеќе од 40 до 50 отсто од нашата потрошувачка е во тие два блока. Јас и во време на енергетска криза наведов дека не треба да субвенционираме граѓани што имаат големи приходи и трошат колку што троши една фабрика во нивните домаќинства. Треба да го направиме спротивното, треба тие да плаќаат во согласност со пазарот и тоа што го трошат затоа што имаме домаќинства што имаат станови и викендички низ цела Македонија и тие имаат електрична енергија кога одат таму, а во делот на цената на дистрибутивната мрежа плаќаме секојдневно ние што живееме во нашите домови. Евтината тарифа ќе продолжи да се имплементира како мерка од страна на Регулаторната комисија за енергетика, а ставката ќе биде платена фиксно во текот на цела година, а во делот на цената на дистрибутивната мрежа, тоа ќе биде намалено за првиот и вториот блок, каде што влегува поголемиот дел – појасни Бектеши. Е.Р.