Односот на ЕУ кон Македонија е јасен, бара земјава да не губи време чекајќи кога и дали ќе се случат уставните измени, туку да го користи времето рационално и да ја подготвува државата за членство без оглед кога ќе се случи тоа. На тој начин се подига и квалитетот на животот на македонските граѓани, кои бараат функционални институции и пристоен живот. Истовремено, Македонија станува попривлечен кандидат за членство во ЕУ, кое, со спроведени реформи и функционална правна држава, може да се реализира во релативно краток период, онака како што го направи тоа Словенија
Без оглед на исходот од дводневниот самит на Европската Унија, кој денес и утре се одржува во Брисел, поточно дали Македонија ќе биде раздвоена од пакетот со Албанија во пристапниот процес или ќе останат заедно, едно е повеќе од сигурно, земјава мора да ги спроведе потребните реформи доколку сака да стане дел од европското елитно друштво.
Тезите дека ако Македонија не ги започне преговорите со ЕУ ќе остане изолирана и немотивирана за реформскиот процес ги пласираат оние што се убедени дека само кога ќе почнат преговорите тогаш македонските политичари одеднаш ќе се освестат и ќе започнат реформи во правосудството, ќе ја искоренат корупцијата, ќе работат на подобрување на образовниот и здравствениот систем, како и на создавање здрава економска клима. И сето тоа Брисел ќе го надгледува и ќе опоменува ако се застрани од зацртаниот пат.
Се покажа дека работите во ЕУ не функционираат така, туку најпрво се бараат резултати што земјата сама ќе ги постигне, а Унијата е тука да помага финансиски и да асистира со споделување искуства, дури и со земјите што не преговараат за членство.
Тоа го прави во континуитет последните 15 години, испраќајќи тимови што требаше да помогнат во средување на состојбите во државата. Група експерти, предводена од Германецот Рајнхард Прибе, беше ангажирана од Европската комисија по објавувањето на „бомбите“ да изработи анализа на ситуацијата и да даде препораки. Извештајот беше објавен на 8 јуни 2015 година, а претходно групата имаше три посети на Македонија, во април и во мај. Беа дадени пет препораки, кои до ден-денес не се исполнети.
И кога земјава не успеа да исполни ниту пет препораки, сега одново ЕУ излегува со 40 препораки за тоа како да се подобри ситуацијата во судството, кои завчера ни ги соопшти евроамбасадорот Дејвид Гир, повикувајќи се на заклучоците наведени во извештајот на Оценската мисија на Европската Унија која го скенираше функционирањето на Судскиот совет, тело клучно за градење независно и професионално судство.
Од вкупно 40-те препораки што се наведени во извештајот на Оценската мисија на ЕУ, најмалку 17 може да се имплементираат во релативно краток рок, а се однесуваат на унапредувањето на судиите и на транспарентноста. За другите 23 препораки се неопходни уставни или законски измени и тие ги опфаќаат прашањата кој сѐ може да биде член на Судскиот совет, колкав треба да биде мандатот на членовите на ова тело…
Евроамбасадорот Гир го нарече извештајот добар, сеопфатен, со сериозни препораки за чие имплементирање е потребна политичка волја.
– Доколку Судскиот совет спроведе 17 препораки во следните неколку месеци, тоа би било револуција. За другите се потребни законски или уставни измени, но нема причина да се одложуваат овие, со оглед на временската рамка за изборите – порача Гир.
Ова е само потврда дека и без официјално отворање на преговарачките поглавја, што е условено со уставните измени, Македонија има засилен европски надзор над реформските процеси, што впрочем се рефлектира во годишните извештаи на Европската комисија каде што јасно се посочуваат слабостите во сите области, но и насоки што треба да се направи за да се отстранат слабостите.
Истовремено, ова го илустрира и односот на ЕУ кон Македонија, која бара земјава да не губи време чекајќи кога и дали ќе се случат уставните измени, туку да го користи времето рационално и да ја подготвува државата за членство без оглед кога ќе се случи тоа. На тој начин се подига и квалитетот на животот на македонските граѓани, кои бараат функционални институции и пристоен живот. Истовремено, Македонија станува попривлечен кандидат за членство во ЕУ, кое, со спроведени реформи и функционална правна држава, може да се реализира во релативно краток период, онака како што го направи тоа Словенија.
Од европскиот ангажман повеќе од јасно е дека постои европска перспектива, сето друго се само обични изговори на политичарите, кои многу повеќе сакаат да уживаат во удобноста на функциите, чекајќи некој од страна да им ја сработи домашната задача.
Универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски смета дека и без преговори ЕУ ни е некаков ментор, постојано поставувајќи ни задачи и препораки што ние никако не ги исполнуваме.
– ЕУ цело време ни кажува дека сами треба да си ја завршиме домашната задача. Земете ги сите извештаи во изминативе 15 години што ги добиваме, ќе забележите дека Унијата има најголеми забелешки кај правдата и правосудството, како и за јавната администрација. Ни укажуваат што треба да направиме, но ние не мрдаме со мал прст, летаме во место – вели Давитковски.
Понатаму додава дека ЕУ сака исклучиво да ѝ помогне на Македонија како држава да воспостави вистински вредносни системи, кои ќе бидат компатибилни со европските во иднина.
– Тоа што го прават, го прават за нас. Ним не им е грижа каков е македонскиот правосуден систем, но очигледно сакаат да ни помогнат и даваат препораки. И не само за правосудството, така е и за јавната администрација, за борбата со корупцијата. Сакаат Македонија да не стане заробена држава, туку да има институции што ќе бидат во функција на граѓаните, да нема корупција, која искрено не верувам дека некој во оваа држава ќе ја исчисти. За нас најдобро е да земеме некои надворешни фактори, некој валутен борд, со помош на нашите невладини организации да се контролираат сите јавни набавки. Кој ќе си замине од власт не одговара за ништо, тој што ќе дојде гледа и тој да се нафатира. Тендерите, корупцијата ќе си продолжат. Имаме добри закони, но никој не ги почитува. Затоа ЕУ реагира и дава препораки сите овие изминати години да се спроведат тие препораки и за тоа не треба официјални пристапни преговори со Унијата, туку волја од домашните политичари. Ние и да ги ставиме Бугарите во Уставот, со што ќе почнеме да отвораме преговарачки поглавја, повторно сè ќе биде негативно, ЕУ ќе нè стопира на секој чекор ако нема резултати, ќе добиваме само негативни извештаи – истакнува Давитковски.
Според него, клучно за земјава не е дали утре или за пет месеца ќе ги почне преговорите со ЕУ, туку дали политичарите ќе го сменат пристапот кон целиот процес, кој и сега го има.
– Ние и без преговори добивавме насоки и задачи од ЕУ, но ако сакаме нешто да направиме, односно да ја сработиме домашната задача, нашите политичари мора да го променат кодот на однесување, да сфатат дека препораките што ги дава ЕУ се од интерес за државата и граѓаните и да работат на нивно целосно имплементирање, за утре државата вистински да биде подготвена да биде дел од ЕУ – констатира професорот Давитковски.