Полска

Новата полска влада поднесе до парламентот на земјата нацрт-закон за замрзнување на цените на енергијата во првата половина на 2024 година, но исто така и да ги либерализира правилата за изградба на ветерни електроцентрали.
Поддршката за овие напори ќе се реализира со финансиски придонеси од водечките полски енергетски компании и од посебниот фонд основан за време на пандемијата за да се ублажат ефектите од енергетската криза. Акциите на „Орлен“, полскиот нафтен и гасен гигант, остро паднаа по ваквата вест.
Со предлог-законот се предлага да се врати обврската за тргување со електрична енергија на енергетската берза во земјата, што беше укинато од владејачката партија во заминување Право и правда (ПиС).
Новата влада, составена од проевропски партии, планира да ја започне одложената транзиција на земјата од јагленот за да достигне 70 отсто од производството на енергија од обновливи извори до 2030 година, во споредба со околу 15 отсто минатата година.

Полска има една од највисоките цени на електричната енергија во Европа бидејќи околу 70 отсто од својата електрична енергија произведува од јаглен, што е поскапо поради цената на емисиите на јаглерод.
За домаќинствата и таканаречените ранливи потрошувачи, како што се училиштата и болниците, цените на енергијата би биле замрзнати.
„Орлен“ дава најголем придонес во фондот. Компанијата претходно годинава соопшти дека очекува да придонесе во фондот со 14 милијарди злоти (3,55 милијарди долари) во 2023 година.
„Се прашувам кој сака да ја намали вредноста на ’Орлен’ и која е целта на тоа?“, објави извршниот директор на „Орлен“, Даниел Обајтек, на социјалната мрежа Х.
Акциите на „Орлен“ паднаа за 9,3 отсто во попладневното тргување. ПиС воведе субвенции за домаќинствата што инсталираа топлински пумпи и соларни панели, но во голема мера го блокираа развојот на копнените фарми со ветерници за време на неговите осум години на власт.
Предлог-законот ќе го намали минималното растојание меѓу турбината и станбена површина на околу 300 метри од сегашните 1.500 метри, во зависност од нивото на бучава што ја испушта централата.

Подготвил: Митко Јовановски