Шортс во минатата сезона со Бон победи во Лигата на шампионите и беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) во тоа натпреварување

Македонскиот репрезентативец во победата на дуелот со Вулвс на гости со 110-79 го имаше мечот на сезонава во Еврокупот со највисок индекс-рејтинг, најмногу асистенции, погодени тројки и постигнати поени. Во вкупната статистика по првите 10 кола сезонава Шортс е меѓу водечките во повеќе категории

КОШАРКА

Париз, тимот на македонскиот кошаркарски репрезентативец Ти Џеј Шортс, води во групата А на Еврокупот со девет победи по првите 10 кола, по победата на гости кај Вулвс од Литванија со 110-79. Шортс беше најдобриот играч на натпреварот, со индекс-рејтинг од 32, кои ги оствари со т.н. дабл-дабл (двоцифрен ефект во две статистички категории) со постигнати 24 поени и забележани 11 асистенции, а имаше и два скока, една украдена топка…
Македонскиот репрезентативец на дуелот со Вулвс завчера го имаше мечот на сезонава со највисок индекс-рејтинг (30 имаше во првото коло сезонава), со најмногу асистенции (10 оствари во натпревар од шестото коло), најмногу погодени тројки и најмногу поени (идентично како и на мечот во четвртото коло)…
Во вкупната статистика Шортс е меѓу водечките во повеќе категории, и тоа втор според просечниот индекс-рејтинг, со 21,9, втор меѓу асистентите со 7,6 по меч, трет во категоријата погодени удари за два поена, со 6,1, петти според просекот постигнати поени, со 17,8, шести според украдени топки, со 2,1…
Шортс во минатата сезона со Бон од Германија победи во Лигата на шампионите на европскиот оддел на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) на Лигата на шампионите и на фајналфор-турнирот, а годинава со Париз е на добар пат за висок пласман во натпреварувањето од кое финалистите ќе добијат право в година да играат во најсилното континентално кошаркарско натпреварување, Евролигата.
Во секоја од двете групи има по 10 тима. Во групата Б води Гран Канарија, со максимален ефект од 10 победи на 10 натпревари. Во следното коло Париз игра дома со осмопласираната Венеција. Н.М.