Швеѓаните се познати како многу рационален народ. Исклучително вредни, посветени и темелни во работењето. Интелектуалци од висок калибар и, секако, познати по својата далековидост и практичност. Затоа по многубројните анализи со катаклизмични сценарија, кога се појави анализата на Јонас Олсон веднаш падна во око дека станува збор за нешто што не е тукутака искажано. Имено, воениот аналитичар на шведската јавна телевизија СВТ, Јонас Олсон, истакнува дека сме сведоци на исклучително опасна ситуација, во која новите нуклеарни оружја, со своите карактеристики, ја направија бескорисна спогодбата ИНФ. Според Олсон, веќе нема да постои ниеден обврзувачки документ, кој би спречувал или барем би ограничувал нова трка за нуклеарно вооружување за краток и за среден домет во Европа. Тоа, според него, значи само едно – повторно е на дело доктрината на ограничена нуклеарна војна
Сериозно предупредување од шведски воени аналитичари
Развојот на нови видови нуклеарни оружја од краток и од среден домет и од американска и од руска страна, како и повторно оживеаната доктрина на ограничена нуклеарна војна на европските простори, создава толкав притисок врз одредбите на веќе застарените договори за контрола на нуклеарните оружја, посебно на спогодбата ИНФ, која во моментов фактички е најверојатно прекршена и од една и од друга страна и на терен е целосно бесмислена. Вооружените системи, кои се развиени и воведени во вооружувањето и кои и натаму се развиваат, се оружја на некоја сосема поинаква технолошка ера од онаа во која спогодбата ИНФ беше создадена во далечната 1987 година.
Едноставно кажано, технологијата на нуклеарното вооружување, посебно на она на краток и на среден домет, повеќе не одговара на содржината на одредбите на претходно склучените договори.
Што значи спогодбата ИНФ потпишана од Горбачов и од Реган
Со спогодбата ИНФ, која во 1987 година ја потпишаа Роналд Реган и Михаил Горбачов, а стапи во сила на 1 јуни 1988 година, двете страни се обврзаа да ги повлечат од позициите и да ги уништат сите свои балистички и крстосувачки ракети со копнено базирање и со краток домет од 500 до 1.000 километри и од среден домет од 1.000 до 5.500 километри. Со текот на годините тоа навистина и се случи.
Спогодбата се однесува исклучиво на ракетни оружја подготвени да носат боеви глави, кои се базираат и се лансираат од копно, па во променетите геостратегиски рамки, особено по отворањето на украинската криза, од двете страни се обновува развојот на нови нуклеарно способни ракетни системи од среден и од краток домет што се користат од авиони и воени бродови, но не и од копнени платформи за да не се прекршат одредбите од спогодбата ИНФ. Меѓутоа, меѓусебните обвинувања за кршење на спогодбата траат со години. Американците тврдат дека руските ракети со копнено базирање „9М728 искандер-К“, всушност, се крстосувачки проектили од среден домет што се кријат зад истото име и истото мобилно возило – „лансер“ како и „9К723 искандер-М“, кој е балистичка ракета со номинален домет од 480 км. Неговиот домет, исто така според американски сознанија, е сомнителен и се проценува дека во голема мера ја минува долната граница на спогодбата ИНФ од 500 км.
Од друга страна, Русите со години тврдат дека Американците задржале одредени делови на секциите на системот „першинг“, прикажувајќи ги како цел за вежбовни гаѓања со противвоздушни ракети. Тие исто така сметаат дека американските вооружени беспилотни летала какви што се користат во борба против терористичките организации, се крстосувачки ракети со копнено базирање со потенцијални нуклеарни капацитети.
Кој и на каков начин ја крши спогодбата ИНФ
Но, ваквото спротивставување премина во нова фаза. И руската и американската страна тврдат дека онаа другата прикриено ги распоредува нуклеарните проектили од досегашното поморско и воздухопловно распоредување, со домет од 500 до 5.500 км, на копно во Европа и со тоа ја крши спогодбата ИНФ. Според тврдењето на Американците, новата руска крстосувачка ракета „новатор 9М729“, со НАТО-ознаки „ССЦ-8“, усовршена и за копнена употреба, е приспособена верзија на познатиот и во сириската војна тестиран поморски крстосувачки проектил „3М-14 калибр“, која може да се лансира од истото возило како и проектилот „искандер“, а со домет од околу 2.600 км, значи во рамките на забранетите 500 до 5.500 км, па нивното воведување во оперативна употреба е директно кршење на одредбите од спогодбата ИНФ.
Од друга страна, Русите тврдат дека лансерите „мк41 ВЛС“ од американскиот противракетен одбранбен штит во Европа ААМДС инсталирани во романскиот Девесел и оперативно активирани во 2016 година, оружја што директно ја кршат спогодбата ИНФ, бидејќи тоа се повеќенаменски лансери на напаѓачката верзија „страјк“ од системот на противракетната одбрана „егис“ со должина од 7,7 метри, кои се способни, освен противракетните проектили „СМ-3“ да лансираат и крстосувачки проектили „БГМ-109 томахавк“ со нуклеарни боеви глави, кои со домет од 2.500 км лесно можат од романската база да стигнат до Москва.
Со сигурност може да се претпостави дека и американските лансери и новите руски ракети навистина претставуваат кршење на спогодбата ИНФ, бидејќи се всушност на овој или на оној начин маскирани копнени лансери, од спогодбата за забранети проектили. Но, ни една страна не може недвосмислено да го докаже тоа. И едната и другата изведба на вооружениот систем се верзии приспособени за копнена изведба, на изворно морнаричкото оружје на американскиот систем „егис“ и на рускиот „калибр“. Со својата појава и со технолошките карактеристики тие ја прегазија одамна потпишаната спогодба ИНФ за контрола на нуклеарното оружје со мал и со среден домет во Европа.
Зошто повторно закана од ограничена нуклеарна војна
Воениот аналитичар на шведската јавна телевизија Јонас Олсон истакнува дека дошло до исклучително опасна ситуација, во која новите нуклеарни оружја со своите карактеристики ја направија спогодбата ИНФ бескорисна, а не постои волја таа да се модернизира и да се приспособи на променетите околности, туку напротив, американската страна отворено најавува повлекување од спогодбата.
Потоа, според Олсон, нема веќе да постои ниеден обврзувачки документ што би спречувал или барем би ја ограничувал новата трка во нуклеарно вооружување од краток и од среден дострел во Европа. Тоа, според него, значи само едно – на дело е повторно доктрината на ограничена нуклеарна војна.
Јонас Олсон вели: „Сѐ поголемо внимание му се посветува на тактичкото нуклеарно оружје, а високите воени службеници сѐ почесто тврдат дека тоа во одредени ситуации може да се применува на европска почва и дека неговата употреба не мора да доведе до глобална нуклеарна војна и до уништување на целата планета“.
Толкавиот степен на спротивставување околу нуклеарното вооружување од мал и од среден дострел со копнено базирање и нивниот забрзан развој, однапред пресметан за заобиколување на спогодбата ИНФ, недвосмислено укажува на повторното оживување на опасната доктрина на ограничена нуклеарна војна, што би се водела на просторите на Европа, по линијата на непосредниот контакт на американските сили и на НАТО, со руската воена сила. Тие оружја, всушност, се основните борбени средства за водење токму таква војна. Идејата со ограничени, нестратегиски нуклеарни удари по противничките сили, да можат да се остварат стратегиски добивки не се темели на егзактно утврдени податоци, туку на тетеравата претпоставка дека непријателот не е толку луд да одговори со целосна нуклеарна војна што би ги уништила двете страни како реакција на тактички нуклеарен удар.
Станува збор за опасна доктринарна стратегиска конструкција, која во својата суштина е чиста заблуда, води до снижување на нуклеарниот праг и ја отвора можноста за т.н. мала нуклеарна војна на европските простори, која, секако би ги поштедила двајцата главни воени актери – САД и Русија. Очигледно, веќе не е доволно да се водат посреднички конвенционални војни во светот, туку во меѓусебното соочување како влог е потребно да се уфрли и нуклеарното пржење на Европа.
Американските системи „ЛРСО“, новите боеви глави со мала сила, кои би се инсталирале на стратегиски оружја и руските „калибр“ и „ССЦ-8“ се креирани со иста цел во рамките на различни варијанти на концептот за ограничени нуклеарни дејствувања на европските простори.
Колку и да се денес старите теории за ограничена нуклеарна војна софистицирани и приспособени на модерната политика и на технолошкиот развој, секогаш ќе остане само опасна заблуда, која еден по друг ги урива сите порано создадени договори за ограничување на нуклеарното оружје. Новата технологија развиена за потребите на воскреснатата доктрина на ограничена нуклеарна војна ги направи бескорисни и реликти на некои минати времиња. Р.Н.М.