Фото: Горан Анастасовски

Кога ќе ме видат реагираат со ушите, се радуваат, знаат дека ќе им го посветам сето мое внимание и уживаат во него, додава зоо-негувателот Трајковски

Ристе Трајковски е зоо-негувателот, кој жирафите Флопи, Тебого и Каспер го обожаваат. Тој се грижи за нивната удобност, апетитот, расположението, хигиената, за амбиентот во нивното живеалиште, за секој ден да им помине подобро од претходниот. И оваа задача ја добил од моментот кога се пристигнати жирафите во зоолошката градина во Скопје, околу седум години.

Она што го прави Ристе посебен е што ја вложува сета љубов во грижата за жирафите.
Секојдневно дружење, хранење од рака, трчање низ живеалиштето, забавување им е дел од репертоарот. А забележавме и дека љубовта им е заемна.

– Со трите сум близок, но морам да признаам дека миленик ми е Каспер. Некако посебни ни се односите. Работејќи со нив осознав дека тие всушност се многу мирољубиви животни по природа. Но не сакаат некој да ги гали – ни раскажа Ристе.

Омилена храна им е багремот. Уживаат да јадат ливчиња од багрем. Дневно јадат по дваесет и пет килограми јаболка, што значи дека се мошне витаминизирани. Плус секоја жирафа добива околу десет килограми морков, пет килограми кромид, едно снопче праз, осум лепчиња, три килограми палетирана храна.

– Штом ќе дојдам на работа влегувам кај нив за да проверам дали е сѐ под контрола. Потоа се подготвувам за сите задачи што ги носи новиот ден. Прво им ги средувам надворешните живеалишта, хранилките им ги полнам со сено, им ги отворам вратите да излезат надвор. Потоа на ред се внатрешните живеалишта. Откако ќе ги завршам сите обврски, се посветувам на факултативни задачи, односно дружење со моите миленици. И така дури се освестам летнал денот – раскажува Ристе.

Жирафите го препознаваат Ристе. Им се подобрува расположението кога ќе го видат.

– Кога ќе ме видат реагираат со ушите, се радуваат, знаат дека ќе им го посветам сето мое внимание и уживаат во него – додава зоо-негувателот Трајковски.

Жирафите најголем дел од времето поминуваат во јадење. Често во текот на денот си густираат сено од хранилките. Потоа шетаат низ живеалиштето, се милуваат една со друга. А знаат и да прилегнат во надворешното живеалиште, и да дремнат половина час.