Поради напукнат бетонски столб на мост на Црна Река на линијата Гевгелија-Велес, помеѓу железничките станици Кукуричани-Градско во близина на Стоби, железничкиот сообраќај на овој патен правец целосно е во прекин од вторникот попладне од 15.25 часот и патнички и товарен се одвива со префрлање на патниците од воз на автобус.
Како што информираат за МИА од МЖ инфраструктура, по анализата од професорите на Градежниот факултет во Скопје најавено е неделава да почне санацијата на столбот, а чија санација според стручњаците треба да биде околу два месеца.
– Воедно стручњаците предлагаат и да се гради нов железен мост на Црна река погоре од постоечкиот, но за овој проект финансиски средства треба да одобри Владата – потенцираат од МЖ инфраструра.
Од МЖ инфраструктура потенцираат дека сепак мислењето на стручњаците е најважно а според нив најдобро решение за овој дел од пругата преку Црна Река е освен санација на постоечкиот да се изгради и нов железен мост кој ќе биде постабилен и посигурен за превоз на стока и патници.
Во меѓувреме веќе шест дена железничкиот сообраќај на релација Скопје-Гевгелија преку Велес и обратно се одвива со „префрлување“ – со автобуски превоз. Конкретно од Скопје возовите сообраќаат до Градско, додека од Гевгелија сообраќаат до Криволак. Од наведените железнички станици Градско и Криволак патниците се превезуваат со автобуски превоз.
Поради вакво префрлување на патниците од воз со автобус овој воз Гевгелија Велес веќе шести ден наместо во 6.27 минути од железничката станица во Велес за Скопје поаѓа со задоцнување од два часа, во 8.20. часот.