Здружението „Кластер за туризам“, во соработка Градскиот музеј на Крива Паланка, организираше национална научна конференција „Градец – природа, историја, традиција, култура“, која се одржа во објектот „Школо“ во с. Градец, Кривопаланечко. Научната конференција беше посветена на природата, историјата, традицијата и културата на селото Градец, Кривопаланечко, поточно на специфичниот микрогеографски и антропогеографски простор наречен „Градечки чуки“ распослан во селата Градец, Габар, Баштево, Осиче и Лозаново од Кривопаланечко (Славиште).
Конференцијата имаше цел да претстави нови стручни моменти, како и резултати од теренски истражувања и научни експедиции од областа на природата (биодиверзитетот), културното наследство (археологијата, етнологијата, фолклор, историјата, историјата на уметност и архитектурата) и туризмот, кои се однесуваат на овој специфичен кривопаланечки микрогеографски и антропогеографски простор.
Резултатите од научната конференција ќе бидат публикувани во стручното списание „Славишки зборник“ бр. 5 на Градскиот музеј -во Крива Паланка, а ќе се користат како стручна основа за реализација на макропроектот „Градец – природен и културно-историски парк“, кој Градскиот музеј го најави уште од 2009 г., како и за идно формирање нови туристички маршрути и продукти во овој микрогеографски-антропогеографски простор, кои би придонеле за економски развој на регионот базиран на природното и културно-историското наследство.