Фото: Пиксабеј

Бугарија

Бугарија ќе потпише воен договор вреден 1,5 милијарда американски долари со САД, откако бугарскиот парламент одобри купување на 193 пешадиски борбени возила „страјкер“ за 1,3 милијарда долари и набавка на 3Д-радари за борбената авијација, во вредност од 200 милиони долари. Одлуката за набавка на пешадиските борбени возила „страјкер“ на крајот на минатата недела ја поддржаа проевропските партии во парламентот ГЕРБ, ПП-ДБ и ДПС, а против беше прорускиот блок партии, меѓу нив Преродба, БСП и популистичката ИТН. Овој договор е блокиран од политички причини речиси една деценија.
Со најновиот договор, Бугарија ќе опреми механизирана бригада на копнени сили, што е една од обврските кон НАТО. Еден од главните аргументи против договорот дојде од Костадин Костадинов, лидерот на проруската партија Преродба, кој објасни дека Бугарија купува стар модел „страјкер“ што го користи американскиот марински корпус.
– Имам пристап до доверливи извештаи. Тоа што го кажа господинот Костадинов не можам да го најдам во овие извештаи – одговори министерот за одбрана Тодор Тагарев.
Тој додаде дека во Бугарија ќе се гради регионален центар за поправка и одржување на возилата „страјкер“. Испораките на воената опрема треба да започнат веќе во третиот квартал на 2025 година доколку брзо се потпише договорот, а последната испорака треба да биде реализирана на почетокот на 2028 година.
Понудите за набавка на нови 3Д-радари за воздухопловните сили ќе биде отворен до крајот на годината. Во август беа отворени понудите на пет компании – „Локид Мартин“ (САД), „Леонардо“ (Италија), „Елта“ (Израел), „Индра“ (Шпанија) и „Талес“ (Франција), но отворањето на предлозите за цените беше одложено. Проектот се подготвува со години и е клучен за заштита на бугарскиот воздушен простор и искористување на новокупените ловци „Ф-16“. Проектот треба да чини околу 250 милиони долари, а фаворит е американската компанија, откако Бугарија склучи договор за над 2,1 милијарди долари за купување на ловците од истиот производител.