Субрахмањам Џаишанкар

Индискиот шеф на дипломатијата отворено и остро ја критикуваше Европа

Индија е една од клучните земји за чија приврзаност еднакво се борат и Истокот и Западот, како дел од новата поделба на светот. Всушност, Индија е клучна земја на таканаречениот Глобален Југ, заедно со Бразил, кој поради својата големина, демографска, воена и економска сила и потенцијал се посакуван партнер за Западот на чело со САД, а од друга страна е Истокот, на чело со Кина и Русија.
Меѓутоа, како што стојат работите, Индија ќе продолжи по својот традиционален пат на неутралност, учествувајќи со едната или другата страна во оние проекти или организации што го претставуваат нејзиниот национален интерес. Истовремено таа нема да ги користи за напади или непријателство кон никого од спротивните табори, дури и ако се побара тоа од неа. Најдобар пример за тоа е истовременото членство на Индија во проамериканската воена организација Квад и, условно кажано, во прокинеските и проруските формати и организации како БРИКС и Шангајската организација за соработка (СЦО), пишува „Геополитика њуз“.
Најдобар доказ за продолжување со неутралната политика на Индија е интервјуто што го даде индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар за италијанскиот медиум „Кориере дела сера“ со наслов „Многумина во светот не го прифаќаат концептот на санкции. За Русија и Украина, време е да седнеме и да разговараме“.
Тој зборуваше за италијанско-индиските односи, но и за многу теми што се однесуваат на актуелните меѓународни настани и кризи, меѓу кои војната меѓу Израел и Хамас, решавањето на палестинското прашање, Русија и украинската војна, БРИКС итн.
Џаишанкар, одговарајќи на новинарско прашање дали Западот применува двојни стандарди во однос на украинската војна и војната меѓу Израел и Хамас, ја критикуваше Европа.
– Многу нешта од тоа произлегуваат од фактот дека во минатото, кога имаше проблеми во другите делови на светот, европските земји во основа мислеа дека тоа не е нивен проблем. Сè додека Европа беше безбедна и ништо не го загрозуваше европскиот начин на живот, проблемите ги решаваа други. Потоа, кога нешто ќе се случи во Европа, европските земји сакаат меѓународни изрази на солидарност. Но, многумина низ светот сметаа дека треба да се земат предвид и нивните интереси – изјави индискиот министер.
На прашање од новинарот зошто „кога сите напредни демократии (освен Израел) применуваат санкции кон Русија. а ниту една земја во подем, вклучувајќи ја и Индија, не го прави тоа“, Џаишанкар одговара дека „тие санкции во суштина се лостови со кои располагаат напредните економии засновани на механизми, овластувања и алатки градени со години“.
– Тие лостови ги користат кога им одговара. И не е дека одат во Обединетите нации за да бараат легитимитет: тие го прават тоа кога мислат дека се загрозени нивните интереси. Сепак, многу делови од светот не го прифаќаат концептот на санкции на ист начин. Како цел свет да се договорил за санкции. Не е така – нагласува индискиот шеф на дипломатијата.
Тој го изнесе позитивниот став кон БРИКС, чиј протагонист е и Индија.
– Кога беше формирана групата, пред дваесет години, имаше важни сили што мислеа дека немаат право на глас во меѓународниот систем. Се доби впечаток дека западните земји доминираат и не дозволуваат другите да ги остварат своето влијание и права. Годинава на последниот самит во Јоханесбург имаше 29 земји што сакаа да му се приклучат на БРИКС. Тие јасно ја гледаат вредноста во нас – одговори Џаишанкар на прашањето дали оваа организација е противтежа на Г7.

Подготвил: Митко Јовановски