Фото: ЕПА

Бразил загуби на гости од Колумбија со 1-2, а Аргентина на свој терен од Уругвај со 0-2

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026

Репрезентацијата на Колумбија извојува голема победа со 2-1 над Бразил, во мечот од петтото коло од јужно-американските квалификации за Светското првенство (СП) 2026, кое ќе се одржи во Канада, Мексико и во САД, а јунак на натпреварот беше играчот на Ливерпул, Луис Диаз. Бразил поведе во четвртата минута преку Габриел Мартинели и се чинеше дека ќе дојде до уште една рутинска победа. Но пресвртот дојде во вториот дел, кога на сцената стапи Диаз и за четири минути донесе пресврт во корист на Колумбија, постигнувајќи два гола. Најпрво во 75-та минута, по асистенција на Мигел Борха, успеа да израмни на 1-1, а четири минути подоцна по вторпат ја затресе мрежата на Бразил. За Дијаз тоа беше и најдобриот можен крај на најтешкиот период од неговиот живот, оти е познато дека претходно неговите родители беа киднапирани, а татко му беше пуштен дури по тринаесет дена.
Горчината на поразот ја почувствува и актуелниот светски првак од последното СП во Катар, Аргентина, која предвоена од Лионел Меси загуби на свој терен од Уругвај со 0-2. За Аргентина тоа беше прв пораз во групната фаза во квалификациите во Буенос Аирес пред 57.200 гледачи. Стрелци за „гаучосите“ беа Цезар Араухо во 41-та и Дарвин Нуњез во 87-та минута.
Дуелот го обележаа многу фаули и кошкања меѓу играчите, а најмногу дојде до израз тоа во 20-та минута, меѓу Матиас Оливера и Родриго де Паул, додека потоа во конфликтот се вклучи и Лионел Меси, кој прво го турна со лактот, а потоа со раката го фати за врат Оливера, но никој не беше исклучен, иако на средбата беа покажани дури осум жолти картони.
Резултати петто коло: Аргентина – Уругвај 0-2, Колумбија – Бразил 2-1, Чиле – Парагвај 0-0.
Табела: Аргентина 12 бода, Уругвај 10, Колумбија 9, Венецуела 8, Бразил 7, Еквадор 5, Парагвај 5, Чиле 5, Боливија 3, Перу 1. Г.И.