Културното наследство секогаш се наоѓа во средиштето на идентитетските обележја на еден народ, а таа тема за Македонците што се физички одделени од својата земја секогаш е сплетена со длабока емотивна нишка. Ваквите средби покажуваат дека за Македонија е од исклучително значење да ги одржува врските со своите сонародници во светот. На самата промоција запознав Македонци што исклучително добро се позиционирале во хрватското општество. За жал, таа интелектуална и креативна енергија не останала да се вгради во сопствената држава, забележа авторот на книгата м-р Александар Јорданоски непосредно по промоцијата
Промоција на збирката текстови „Културолошки точки на Македонија“ во Сплит, Хрватска
Врските со татковината на Македонците раселени низ светот остануваат цврсти и нераскинливи, без разлика на кое парче од Земјината топка ги однела судбината. Секој од нив на свој начин се труди тие врски да ги одржува во рамките на своите афинитети и можности. Токму затоа, задоволството е поголемо кога ќе се сретнете луѓе што несебично се вложуваат за да ги зацврстат тие врски, но и да направат дополнително поврзување на новата татковина со матичната, со земјата на потеклото – Македонија.
Токму за еден таков позитивен пример станува збор кога треба да се обележи еден убав културен настан што се одржа во Сплит, Хрватска, а на кој активно учествуваше и екипата на „Нова Македонија“. Како медиум со најдолга традиција во Македонија, нашиот медиум придонесе за квалитетно претставување на настанот, но и да даде свој придонес со јавно искажаниот збор пред македонската дијаспора и пред хрватската јавност. Станува збор за промоцијата на збирката текстови „Културолошки точки на Македонија“ од м-р Александар Јорданоски, која се одржа во прекрасниот амбиент на градската библиотека „Марко Марулиќ“ во Сплит. Организатор на овој значаен настан во рамките на програмата „Македонската култура низ вековите“ беше македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, чиј претседател е неуморниот Ангел Митревски, кој беше и модератор на вечерта.
Целокупната промоција беше осмислена како „ред проза – ред поезија – ред музика“. За ова последното беше заслужен мандолинскиот квартет „Стоби“, кој дејствува во рамките на здружението. Овој мандолински состав на млади луѓе, од кои повеќето се Хрвати, а еден член, Никола Митревски, е роден во Сплит, но има македонски корени, пред присутните презентираше дел од својата богата програма, што претставуваше сплет од македонски и од далматински традиционални композиции.
Зборувајќи за „Македонската култура низ вековите“, Митревски нѐ информира дека конкретно овој проект е реализиран преку Советот за национални малцинства на Република Хрватска, а проектот мандолински квартет „Стоби“ е реализиран со средства на градот Сплит.
– Вреди да се истакне во оваа пригода дека македонското културно здружение „Стоби“ постои од 2016 година и дека се финансира исклучиво од членарина, која е симболична, од проекти пријавени на конкурси што ги распишуваат хрватските власти на локално, регионално и државно ниво. Мораме да ја пофалиме хрватската држава во целост дека вложува големи средства во развојот на цивилниот сектор, но, од друга страна, и да упатиме забелешка дека одобрувањето на средствата оди малку позабавено, па поради тоа се случува поголемиот дел од планираните настани да се извршува во втората половина на годината. Сепак во Хрватска би рекле „боље икад, него никад“, или по македонски „подобро некогаш, отколку никогаш“, па така и овој проект е реализиран во ноември. Наедно сакам да искажам јавна благодарност до Редакцијата на нашиот најстар весник на македонски јазик, „Нова Македонија“, за несебичната помош и поддршка во сите наши активности – ни објасни Митревски.
Воведен збор на промоцијата, во името на Редакцијата на „Нова Македонија“ имаше в.д. главен и одговорен уредник Марјан Велевски, кој во кратки црти го претстави најновото книжевно дело на м-р Алексадар Јорданоски, кој им е добропознат на читателите на нашиот весник по своите колумни.
Во својата втора книга, „Културолошки точки на Македонија“, Александар Јорданоски има 23 текста претходно објавени како колумни, ставови или рецензии во македонската периодика. Како што е истакнато во рецензиите на книгата, секој текст од неа претставува своевидно негодување на актуелната политичка состојба, пред сѐ во однос на третманот и заштитата на културното наследство, што е всушност и професионална определба на авторот.
Токму актуелноста на содржината на книгата беше повод промоцијата да биде проследена со големо внимание, а дискусиите за неа продолжија уште долго по официјалното завршување на промоцијата. Се разбира, не изостана ниту очекуваната канонада прашања за актуелните случувања во Република Македонија, па неофицијалното дружење со дел од присутните продолжи уште долго надвор од предвидениот термин за самиот настан.
Се разбира, по успешната промоција, авторот на книгата, м-р Александар Јорданоски, имаше само зборови на пофалба.
– Промоција на производ од областа на културата, воопшто, кај македонските иселеници за автор од Македонија секогаш претставува и привилегија и чест, бидејќи таквите настани значат можност за непосредно приближување на македонската култура и состојби, но и зајакнување на севкупните односи меѓу матичната држава и македонското иселеништво. Со претседателот на македонското културно друштво „Стоби“ од Сплит, Ангел Митревски, првата соработка ми беше во 2010 и 2011 година, кога бев претставник на Министерството за култура на средбите со македонското иселеништво во Скопје, а во организација на Агенцијата за иселеништво, каде што тој беше претставник на Македонците од Хрватска, наедно и член на Советот за национални малцинства при Владата на Република Хрватска. Културното наследство секогаш се наоѓа во средиштето на идентитетските обележја на еден народ, а таа тема за Македонците што се физички одделени од својата земја секогаш претставува емотивна слабост. Ваквите средби покажуваат дека за Македонија е од исклучително значење да ги одржува врските со своите сонародници во светот. На самата промоција запознав Македонци што исклучително добро се позиционирале во хрватското општество. За жал, таа интелектуална и креативна енергија не останала да се вгради во сопствената држава. Во оваа пригода ја изразувам мојата благодарност и до управата на градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит за отстапениот простор, како и до првиот весник на македонски јазик „Нова Македонија“, кој беше медиумски покровител – ни рече Јорданоски.
Од своја страна, Ангел Митревски, првиот човек на МКЗ „Стоби“, не го криеше своето задоволство од успешно реализираната програма и уште отсега најави дека следната година се предвидува уште побогата содржина во рамките на програмата „Македонската култура низ вековите“. М.В.