Од трите најпогодени земји од дополнителната давачка за гасот, единствено Унгарија, како членка на ЕУ, има вистинска моќ да изврши притисок врз Софија пред Брисел. Унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока вели дека во писмото што го испратил до ЕК побарал комисијата да започне прекршочна постапка против Бугарија поради еднострано воведената такса. Според него, таксата ќе ја загрози безбедноста на енергетските испораки и во Унгарија и во Србија, како и во Македонија
Надлежните тела во Европската комисија детално ја проучуваат жалбата што минатиот петок Унгарија ја поднесе против Бугарија, откако бугарската влада од 16 октомври почна да наплатува дополнителен данок за увоз и пренос на природен гас преку гасоводот „Турски тек“, објаснувајќи дека цел е да ги намали приходите на рускиот енергетски гигант „Газпром“.
Најпогодени од ваквата одлука на Владата во Софија се Унгарија, Србија и Македонија, кои се соочија со повисоки трошоци бидејќи како земји што не излегуваат на море, во овој момент немаат друга алтернатива, освен набавката на рускиот гас, без оглед на образложенијата од бугарска страна дека трите земји можат да најдат други начини за снабдување со гас, кој нема да биде руски.
На одлуката на бугарската влада за воведување такси за транзит на рускиот гас се спротивстави и бугарскиот претседател Румен Радев, кој предупреди дека Бугарија е на пат да ги прекрши европските легислативи и веќе побара Уставниот суд на Бугарија да се произнесе дали оваа одлука влијае на европските барања, кои имаат надмоќ над бугарскиот закон.
Од трите најпогодени земји од дополнителната давачка за гасот, единствено Унгарија, како членка на ЕУ, има вистинска моќ да изврши притисок врз Софија пред Брисел.
Унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока вели дека во писмото што го испратил до ЕК побарал комисијата да започне прекршочна постапка против Бугарија поради еднострано воведената такса. Според него, таксата ќе ја загрози безбедноста на енергетските испораки и во Унгарија и во Србија, како и во Македонија.
– Бугарскиот енергетски данок сериозно ја загрозува енергетската безбедност на Унгарија и на целиот регион – рече Бока.
Тој уште додаде дека Унгарија верува оти новата бугарска такса е против правилата на ЕУ за внатрешните пазари, царинската унија и заедничката трговска политика. Министерот додава дека доколку Брисел не преземе нешто, Унгарија ќе го упати случајот до судот на ЕУ пред крајот на годината.
Портпаролот на ЕК изјави дека веќе побарал информации од Софија и од Будимпешта и дека во моментов различни служби работат на целиот случај за да утврдат дали има прекршување на европските правила.
Комисијата претходно соопшти дека давачката е „национална мерка“, која не е поврзана со санкциите наметнати на Русија поради војната во Украина.
Откако стана јасно дека воведената такса сепак ќе влијае врз цените на гасот и во Македонија, неодамна се огласи и македонскиот министер за економија Крешник Бектеши, кој најави дека земјава ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата доколку не бидат ослободени капацитетите на гасоводот преку кој Македонија се снабдува со гас од Бугарија, имајќи предвид дека токму Бугарија до 2030 година му ги има отстапено сите капацитети на овој гасовод на руски „Газпром“, со исклучок на капацитетите што лани беа ослободени.
– Ослободувањето на капацитетите е обврска на Европската Унија во согласност со начелата за целосна либерализација на пазарите. Не може да се воведе такса само за една држава. Во делот на гасоводот на Бугарија со Србија не се закупени капацитетите од страна на „Газпром“, што значи дека Србија може да користи и други извори, освен рускиот гас, а во случајот на нашата држава сами го имаат дадено целиот капацитет на гасоводот под закуп на „Газпром“ до 2030 година, освен последните што лани беа ослободени. Затоа бараме веднаш да се ослободат капацитетите и да имаме можност и ние да бидеме снабдувани и од други извори за потребите што ги имаме, вклучувајќи од Азербејџан или од ЛНГ-терминалите – изјави Бектеши.
Тој појасни дека капацитетите на гасоводот не се закупени од „Газпром“ на македонска територија, туку на територија на Бугарија, која наедно е и територија на ЕУ.
– Затоа доколку не се ослободат капацитетите ќе бараме отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата – истакна Бектеши.
За него таксите не се прифатливи бидејќи на некој начин ова е уцена во делот на снабдување со гас, со што директно се загрозува енергетската безбедност на државата.
– Да уцениш држава е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на Европската Унија, а Бугарија е членка на ЕУ и веднаш треба да ги укине таксите, не само кон нашата држава туку и генерално бидејќи се неприфатливи во ЕУ. Ни кажаа дека ќе направат напори да ги ослободат капацитетите и ја очекуваме нивната одлука. Во случај да не ги ослободат капацитетите, ќе ги користиме моменталните капацитети што ги имаме и ќе бараме дополнителни отштети од Бугарија и од Европската Унија, бидејќи бараме само ослободување на капацитетите и не се мешаме во нивната фискална политика за воведување дополнителни такси. Одлуката на Бугарија е нивна внатрешна одлука, но треба да се има предвид и јасно и отворено да им се каже дека ако носат такви одлуки треба да носат и други одлуки со кои ќе се ослободат капацитетите за државите да имаат простор да се снабдуваат од други извори како што е случајот со С. Македонија – нагласи Бектеши.
Чекајќи ја одлуката на ЕК по жалбата поднесенa од Унгарија, Македонија се надева дека до крајот на годината ќе почне изградбата на гасоводот со Грција и на тој начин земјава конечно ќе добие алтернативно снабдување со гас. С.Т.