Фото: ЕПА

Асот од средниот ред, во интервју за ФИФА зборува за номинацијата за наградата „Најдобар“ на ФИФА и зошто одењето на универзитет (има диплома за бизнис-администрација и менаџмент) беше „најдобриот период во мојот живот“. Ѕвездата на Манчестер сити и на Шпанија, Родри, освои пет трофеи во 2023 година, вклучувајќи ги Лигата на шампионите и Лигата на нациите. Но секоја идеја дека неговата мотивација е намалена по освојувањето такви височини може веднаш да се отфрли. „Кога победувате, стекнувате искуство и тоа ве прави поблиску до следната. Ова е процес на животот и на спортот. Мора да продолжиш и тоа е мојот менталитет“, вели Родри

ФУДБАЛ – ПЛЕЈМЕЈКЕРОТ НА МАНЧЕСТЕР СИТИ И НА ШПАНИЈА ЗА ГОДИНАТА ОД СОНИШТАТА

Родри, фудбалерот од средниот ред, минатата сезона со Манчестер сити ја освои тројната круна, Лигата на шампионите (ЛШ), првенството и Купот на Англија, а со репрезентацијата на Шпанија ја освои Лигата на нациите. Тој во интервју за Светската фудбалска федерација (ФИФА) зборува за психологијата во фудбалот, посетувањето универзитет додека играше во Ла лига и за ненаситната потрага по самоподобрување. Родри беше една од движечките сили во сезоната на Манчестер сити за тројна круна, доминирајќи со својот спој на врвен технички квалитет, огромна моќ и елитна тактичка интелигенција, пишува ФИФА. Во основата на неговата исклучителна форма, вели Родри, е побарувачката, но и топла и цврста средина во неговиот клуб.
– Се чувствувате среќни кога ќе влезете. Се чувствувате како луѓето да ве сакаат и тоа е добра атмосфера. Манчестер сити е моето второ семејство и со семејството живееш добри и лоши моменти. Најважни се лошите моменти, кога се поддржувате еден со друг. Тогаш ќе сфатите каков дух имате во тимот и дека тоа е повеќе од тим – објаснува тој.
„Лошите моменти“ што тој ги спомнува, се разбира, беа многу малку во изминатите 12 месеци, бидејќи тој и неговите соиграчи победија дома и на континентот. Тој беше стрелец на победничкиот гол на средбата на која Манчестер сити ја освои својата прва титула во ЛШ, за 1-0 на дуелот со милански Интер.

ПРОМЕНА НА МЕНТАЛИТЕТОТ ПО ПРВОТО ПОЛУВРЕМЕ

Тој, сепак, открива дека морал длабоко да копа во резервите на издржливост и самодоверба за време на полувремето од тој меч во Истанбул, по воведните 45 минути, каде што не ги исполнил своите очекувања.
– Повеќето од моите соиграчи го доживеале финалето на ЛШ претходно, но не и јас, а првиот пат кога ќе направите нешто, тоа е поинаку. Ние сме луѓе и понекогаш треба да се справиме со овие чувства. Го променив мојот менталитет на полувремето. Си реков „само дај сѐ, не размислувај премногу“, затоа што понекогаш претерано размислувате во вакви ситуации. Овие чувства можат да влезат во вашето тело, како несигурност, или да немате самодоверба. Голема заслуга им давам на противниците, одиграа одличен меч против нас. Сите овие чувства заедно значат дека понекогаш не настапувате на ист начин. Понекогаш, треба да одвоите момент, да ги забавите емоциите и да се фокусирате на она што треба да го направите. Така направив во тие 15 минути пауза. Потоа, се разбира, продолжив, и го постигнав голот – вели Родри.
Неговата постојана извонредност е препознаена со место во потесниот избор за наградата „Најдобар“ на ФИФА за годинава. Тој е еден од петте фудбалери на Манчестер сити меѓу 12-те претенденти за наградата, заедно со Хулијан Алварез, Кевин де Брујне, Ерлинг Холанд и Бернардо Силва. Номиниран е и поранешниот капитен Илкај Гундоган, кој од јуни е во Барселона.
– Кога имате сезона како што ја имавме лани, мислам дека повеќето важни играчи мора да бидат таму (на потесниот избор). Освоивме тројна круна првпат во историјата на клубот. Тешко е дури и да се номинираш за овие трофеи, така што, се разбира, тоа е одлично. Тоа е неверојатно – вели Родри.
Само пет дена по освојувањето на титулата во ЛШ, Родри веќе се врати во игра со високи цели, овој пат за неговата земја во полуфиналето на Лигата на нациите против Италија. Тој ѝ помогна на Шпанија да го надмине европскиот шампион пред повторно да игра во финалето во кое неговата репрезентација ја победи Хрватска. Неговите настапи беа наградени со признанието „Играч на финалето“ во Лигата на нациите.
– Се обидов да уживам во тој момент со мојот клуб, а потоа морав да се префрлам затоа што сакам да победувам со мојата земја. Имавме 11 години без трофеј, па освојувањето на Лигата на нациите беше посебно за нас. Чувствувам дека бев важен играч на турнирот и да победиш со својата земја е нешто што го чувствуваш многу силно. Го знаете чувството како кога само дадовте сѐ? Тоа беше најдобрата сезона, индивидуална, колективна, сѐ – вели тој.

ПОСТОЈАНА ЖЕД ЗА УЧЕЊЕ

Родри беше тинејџер кога златната генерација на Шпанија доминираше на меѓународната сцена, со триумф на Светското првенство во 2010 година, проследен со последователни успеси на европските првенства во 2008 и во 2012 година. Фудбалски фанатик како мал, „мајка ми понекогаш ме туркаше да излезам со моите пријатели, но јас сакав само да гледам натпревари“. Сеќавањата на Родри од гледањето на драматичната победа на Шпанија во финалето на Светското првенство над Холандија остануваат живи.
– Се сеќавам точно каде бев. Не бев во Шпанија, бев во Америка. Отидов во камп, каков што гледате во филмовите, за да научам англиски. Бевме среде шума, немавме интернет. Ги прашував членовите на персоналот: „Можеме ли да одиме некаде за да го гледаме натпреварот, ве молам, ве молам“. На крајот ставија мал лаптоп. Имаше околу 20 луѓе што го гледаа натпреварот, 19 сакаа Холандија да победи и само јас навивав за Шпанија. Кога го постигнавме голот, полудев – рече Родри.
Жедта за учење е постојана во текот на неговиот живот и тој се стекна со диплома за бизнис-администрација и менаџмент додека се пробиваше во професионалниот фудбал. Тој го почна курсот кога играше фудбал во Ла лига за Вилјареал, а потоа и за Атлетико Мадрид, а живееше во универзитетски сали, и го заврши од далечина откако се пресели во Манчестер сити, пишува ФИФА.
– Тоа беше најдобриот период во мојот живот. Учев, излегував… Моите соиграчи тренираа, а потоа се враќаа во стан. Јас тренирав, потоа одев на часови, па се враќав во студентската резиденција, каде што запознав луѓе од цела Шпанија. Имав 19 години кога го одиграв мојот прв меч во Ла лига и одев на факултет, а луѓето ми велеа „дали е ова истиот човек?! Многу уживав во тие четири години. Мојот мозок беше на други работи, како и на фудбалот, и мислам дека тоа беше добро за моето ментално здравје – вели тој.
Фудбалскиот коефициент на интелигенција на Родри привлече големи пофалби од шефот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, кој рече дека играчот од средниот ред „совршено разбира што ни треба… тој е брз во главата и има неверојатен менталитет“. Вооружен со тие квалитети, може ли Родри еден ден да стане тренер?
– Како што велат, никогаш не кажувај никогаш. Ајде да видиме. Како тренер, го живеете истиот живот како играч. Патувате, поминувате многу време надвор од дома, во хотели и ова е дел од фудбалот што не го сакам толку многу. Кога ќе го видам Чики Бегиристајн, нашиот директор за фудбал, на пример, си помислувам: „Овој човек е паметен, неговата работа е можеби и подобра“ – рече тој.
Фокусиран, жестоко одлучен и на врвот на своите моќи, 2023 година на Родри досега му донесе пет трофеи, Премиер-лигата, ФА-купот, ЛШ, Суперкупот на УЕФА и Лигата на нациите и номинации за најдобар играч во избор на ФИФА и за „златната топка“. Но секоја идеја дека неговата мотивација е намалена по освојувањето такви височини може веднаш да се отфрли.
– Кога победувате, стекнувате искуство и тоа ве прави поблиску до следната. Ова е процес на животот и на спортот. Мора да продолжиш и тоа е мојот менталитет. Гладот никогаш не престанува – вели Родри. Н.М.


Не можете да застанете

Чики Бегиристајн (директор за фудбал) и Пеп Гвардиола (тренер) создадоа сериска машина за освојување трофеи во Манчестер сити, кој првпат ќе се натпреварува на Светското клупско првенство, во декември, а Родри објасни како големата желба за успех се филтрира низ секој аспект од нивното фудбалско работење.
– Тоа е дел од културата на Манчестер сити. Овој клуб во изминатите 10-15 години има динамика на победи, има амбиции и се обидува да победува повторно и повторно. Одлично е што освоивме пет од минатите шест Премиер-лиги. Сега сакаме да го направиме тоа повторно, да станеме првиот тим во историјата на англискиот фудбал што го освоил трофејот четири пати по ред. Сакаме да го освоиме секој трофеј што можеме. Не можете да кажете „ние сме најдобри“. Не можете да застанете – вели тој.
Тоа е начин на размислување што тој верува дека го развива со неговата репрезентација и ќе биде зајакнат само со триумф во Лигата на нациите. Сепак, тој признава дека следењето на победничката шпанска репрезентација (светски првак во 2010 година и европски шампион во 2008 и во 2012 година) носи свои предизвици.
– Може да биде добра и лоша работа кога селекциите што беа зад вас го направија тоа толку добро. Го чувствуваме тој притисок, се разбира дека е нормално. Тоа беше можеби најдобрата генерација на сите времиња, освои три големи титули во низа. Никој друг не го направил тоа. Сега се обидуваме да воспоставиме победничко чувство во нашата земја и освојувањето на Лигата на нациите ќе ни даде самодоверба да одиме повторно – вели Родри. Н.М.