Фото: Архива

Секогаш кога во фудбалот на елитното ниво се гледа како е игнориран принципот „ако се сомневате, останете надвор“, се намалуваат нашите шанси да ги едуцираме помладите играчи и подобро да ги заштитиме идните генерации, рече Лук Григс, главниот извршен директор на добротворната организација за повреди на мозокот „Хедвеј“

ПО НОВИОТ СЛУЧАЈ НА ПОВРЕДА НА ГЛАВАТА ЗА ВРЕМЕ НА МЕЧ ВО АНГЛИЈА

Добротворната организација за повреди на мозокот „Хедвеј“ сака поголема акција за протоколот за потрес на мозокот во фудбалот, по „загрижувачкиот“ инцидент со дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Хари Мегваер, неодамна, по судирот со напаѓачот на Фулам, Родриго Муниз, пишува „Би-би-си“. Мегваер беше проценет од медицинскиот штаб на Јунајтед пред да му биде дозволено да продолжи да игра.
Главниот извршен директор на „Хедвеј“, Лук Григс, рече дека тоа е „загрижувачки поради повеќе причини“. Англискиот дефанзивец имаше исеченица над окото откако неговата глава дојде во контакт со рамото на Муниз, по само две минути игра. Тој ги помина медицинските проверки и беше прогласен за способен да продолжи, но судијата Џон Брукс повика на друга процена по околу еден час играње, кога Мегваер изгледаше збунето по удар со глава.
– Не сме свесни за дискусиите со неговиот лекарски тим, ниту треба да се доведе во прашање нивниот професионализам. Ова е проблем со самата култура на фудбалот и неговото тврдоглаво одбивање да се стави здравјето на играчите над сѐ друго, вклучувајќи го и резултатот од мечот. Секогаш кога во фудбалот на елитното ниво се гледа како е игнориран принципот „ако се сомневате, останете надвор“, се намалуваат нашите шанси да ги едуцираме помладите играчи и подобро да ги заштитиме идните генерации од краткорочни и долгорочни повреди на мозокот. Привремените замени за потрес на мозокот веднаш би помогнале да се врати одреден кредибилитет на процесот, но итно е потребна еволуција на ставот – рече Григс. Н.М.