Мандатот им е даден на избраните политичари и државни функционери од граѓаните. Тоа е механизам во демократијата, со цел граѓанската волја, стремежи и желби да бидат спроведувани и операционализирани преку практикување на власта од страна на избраните. Токму последниве, избраните политичари, по правило треба да бидат и добро образовани и да поседуваат и знаење и вештини, интелигенција и креативност за да ја спроведат волјата на своите сограѓани, со почитување на законите и позитивното право. Се разбира дека одговорноста кон народот и кон својата држава е приоритет. Но токму во тој процес на практикување на власта е забележан еден општествен феномен, кога во еден момент избраните политичари го губат контактот со својата база, покажуваат знаци на надменост и ароганција, мислејќи дека токму нивните лични мислења и ставови се попаметни за граѓаните, при што така и постапуваат, без консултации, автономно, па дури и аутистично… И македонските политичари не се имуни на овој политички феномен…
Како и да се толкува демократијата, колку и да сметаат политичарите дека се вешти во „играњето“ со нејзините принципи, превртувајќи ги и толкувајќи ги според сопствените актуелни интереси, на крајот сѐ се сведува на она што е на самиот почеток – суштината на демократијата: Тоа се желбите и гласот на народот, односно волјата на граѓаните!
Во Македонија, политичари имаат став дека тие се избрани за самостојно и автономно да водат политики!?
Во контекстот на актуелните политички предизвици пред кои е поставена Македонија за да го активира процесот на преговори за членство во Европската Унија, официјалните политичари често го користат политичкиот метод на превртување на тезите заради создавање перцепција за мислењето и желбите на граѓаните како што ним им одговара, која не мора да одговара со реалната состојба и на јавното граѓанско мислење. Така, неодамна, министерот за надворешни работи Бујар Османи во една своја изјава се обиде да го монополизира јавното мислење, во однос на одлуката за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Во услови кога во повеќе анкети за прашањата за уставните измени и предложената преговарачка рамка за ЕУ со голем број клаузули според барања и интереси на Бугарија, големо мнозинство македонски граѓани (повеќе од 70 отсто) се изјаснуваат против таквиот уценувачки пристап за македонските евроинтеграции, министерот Османи практично се доведува во парадоксална ситуација – дали тој самиот воопшто ги слуша граѓаните и дали е подготвен да се соочи со јавното мислење? Или министерот Османи си подготвува терен за да си го земе правото самиот да одлучува што е добро, а што не за граѓаните на Македонија и по секоја цена да им ја „обезбеди европската иднина“?
Историчарката Наташа Котлар-Трајкова во овој контекст истакнува дека секоја власт што се апстрахира од јавното мислење на мнозинството граѓани е осудена на пропаст!
– Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, кои не нѐ признаваат нас Македонците како народ, не е решение за надминување на пречките што ни се поставуваат во евроинтеграцискиот процес, туку нов проблем, кој ќе создаде цел комплекс предизвици и на внатрешен и на надворешен план за Македонија. Таквото барање за Македонија е компромитирана позиција, а со компромитирани политики не се гради држава. Актуелната официјална политика, т.е. политичарите на власт се чини дека свесно се апстрахираат од мислењето на македонските граѓани, земајќи ја како алиби реалполитиката или геополитиката, за да прифатиме сѐ што ни се кажува од меѓународната заедница, без да гледаме што навистина самите прават и какви политики спроведуваат. Самата ЕУ е во процес на менување на своите досегашни вредносни позиции, се преиспитува политички, економски, геостратегиски. А нам ни се наметнува да прифатиме нешто што е политички демоде, што самата ЕУ го исфрла. Но секоја власт што се апстрахира од јавното мислење на мнозинството граѓани е осудена на пропаст – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.
Феноменот на отуѓување на политичарите од граѓаните е познат од осамостојувањето, вклучувајќи ги и политиките водени „спротивно на емоциите и желбите на својот народ“
Во текот на целиот период на независноста на Македонија се провлекува една нишка во политичката концепција за безусловно и некритичко прифаќање на условите на некоја т.н. реалполитика, дури и кога таа е спротивна на јавното мислење, желбите на народот, па и националните интереси. И поранешниот министер за надворешни работи во своја колумна зборува за феноменот на тешкотии на водење политики „спротивни на емоциите и желбите на својот народ“. Дали тоа значи и отворено признавање на таа гарнитура на власт дека била „присилувана“ да води политики што не биле во согласност со волјата на граѓаните што ги избрале или, пак, во нејзината мисија на практикување на власта правела онака како што самата мислела и замислувала дека треба, креирајќи политики „по линија на помал отпор“ во меѓународната политика каде што доминираат интересите и моќта за да правиме компромиси на наша штета?!
– Кога три децении подоцна, по распадот на југословенската федерација, станав министер за надворешни работи на Македонија, се соочив со „палестинскиот синдром“ кај Македонецот, особено кај протераниот Македонец, од грчкиот дел на Македонија, од Егејска Македонија.
Тогаш разбрав и дека не е лесно да се води политика спротивна на емоциите и желбите на својот народ, но со силно чувство на мисија, решив да ја зборувам вистината за меѓународната политика, со која доминираат интересите и моќта.
Имено, дека сонот за голема Македонија може да се претвори во наш кошмар, доколку не се приспособиме на новата ситуација и не смогнеме сили за компромис со Грција. Во тоа време, кога низ улиците на нашите градови ечеше песната „Има само една вистина…“, воопшто не беше популарно да се каже дека има повеќе вистини за Македонија. Тогаш почнав малку подобро да ги разбирам и палестинските политичари. Имено, критиките до сите палестински политичари, од создавањето на државата Израел, во 1948 година, до денес е тоа што не смогнале сили навреме да ги прифатат предложените компромиси за кои Арапите можат само да сонуваат денес – пишува во една своја колумна Денко Малески, првиот министер за надворешни работи на самостојна Македонија.
Самостојната и независна политика е најважниот приоритет на секоја суверена држава, а не личното мислење на избраните политичари
Аналогијата со „пропуштените шанси“ на Македонците и Палестинците ги демантира самата реална политика. „Жалењето“ по некои одбиени предлози во текот на дведеценискиот наметнат спор со Грција за името на нашата држава Македонија се покажува како апсурдно. Привидното решение со Преспанскиот договор само привремено ја замолчи Грција во јавните опструкции на Македонија на меѓународен план, но ги активира националистичките аспирации на Бугарија, непринципиелноста и изневерените ветувања од страна на ЕУ, како и незадоволството и огорченоста на македонските граѓани на внатрешен план. Игнорирањето на негативното јавно мислење на македонскиот граѓанин на референдумот за Преспанскиот договор, сепак не ја донесе очекуваната сатисфакција од „лажната шанса на реалполитиката“, што, според политичките елити, „не смееше да биде пропуштена“.
– Самостојната и независна политика е најважниот приоритет на секоја суверена држава. Тоа треба да ѝ биде јасно и на оваа актуелна и на секоја идна власт. Колку и да сме прозападно ориентирани, членка на НАТО и со стратегиска определба за членство во ЕУ, Македонија мора да има сопствена независна државнополитичка визија, втемелена на асномските придобивки и на придобивките од референдумот од 8 септември 1991 година. На АСНОМ, 1944 и на 8 септември 1991 година, Македонците се изборија и се изјаснија да градат самостојна, независна, суверена држава. Дали денес тоа е само формална состојба, а во реалноста функционираме како држава зависна од потребите и барањата на реалполитиката или некои туѓи националистички и партиски интереси? Дали поради таквите интереси треба да дозволиме да се анулираат, поништат, придобивките од АСНОМ и 8 септември? Но без поддршката на граѓаните, со апстрахирање на јавното мислење сите државнополитички проекции за Македонија ќе доживуваат неуспех. Ако не обезбеди социјална, економска и политичка независност, ниту една политичка партија нема да има соодветен амбиент за владеење, колкава и да е меѓународната поддршка – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.