Во Македонски Брод
На изложбата „Златен костен – 2023“, која беше дел од 16-та „Костенијада“ што викендов се одржа во Домот на културата во Македонски Брод, прогласени се и најуспешните творби изработени од костени. Нив ги изработија учениците од бродските училишта и градинка и децата од подрачните училишта во Самоков и Манастирец, кои гравитираат во овој регион. На манифестацијата пристигнаа вкупно 250 изработки од исто толку ученици од локалните училишта. Жирито имаше исклучително тешка задача да ги прогласи најуспешните, сепак нијанси одлучуваа кои изработки ќе бидат прогласени за најдобри.
– Кај учениците од основно училиште изработката на Теодора Ристеска од 2-1 одделение доби гран при, а во истата категорија првото место го освои Даријан Јанески од 2-2 одделение. Второто место му припадна на Матеј Јанески од 2-2, а третото место го поделија Сергеј Аврамоски од 2-3 и Петар Лазарески од 5-2 одделение – објави директорката на Домот на културата, Милена Стојческа.
Таа ги соопшти имињата на најуспешните творби во другите возрасни категории и подрачни училишта.
– Кај учениците од прво до четврто одделение првото место му припадна на Алексеј Здравески од 4-2, второто место го поделија Ева Ставреска од 1-1 одд., Галина Ѓурчиноска од 2-3 и Мила Костадиноска 2-1 одделение. Третото место го поделија Емили Угриноска од 1-2 и Михаил Лазарески од 3-3 одделение. Од подрачното основно училиште во селото Самоков, трите најдобри изработки беа дело на петтоодделенецот Бобан Милески, кој го освои првото место, Марко Пешиќ од четврто одделение беше втор, додека Кристина Тепшиќ од седмо одделение го освои третото место – дополни директорката Стојческа.
Таа нагласи дека на изложбата учествувале и учениците од детската градинка „7 Септември“, кои за оваа пригода подготвиле четириесетина изработки, за што сите ќе бидат соодветно наградени.
З.А.