Фото: Приватна архива Коцев

 

Заедничата изложба авторите и ја посветија на Биљана Галабова, сестра на Тони, поранешен кустос во Музеј-галеријата, која заради загубената битка со болеста, не дочека да биде куратор на изложбата

Првата заедничката изложбата на уметнички фотографии на двајцата фотографи од Кавадарци, чичкото Тони Коцев и неговиот внук Ѓорѓи Коцев, која беше отворена по повод денот на ослободувањето на градот, 7 Септември, во Музеј-галеријата, ја забележа најголемата посетеност во оваа установа во последните неколку години. Поставката свое претставување имаше и во октомври со гостувања во Кинотека на Македонија, во НУ Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид и Фотоклубот „Охрид“.

Станува збор за вистински професионалци кога станува збор за фотографијата. Тони Коцев е во зениот на своето креативно творештво, а Ѓорѓи Коцев, иако по вокација информатичар, односно аналитичар на податоци, фотографијата на професионално ниво ја практикува само шест години. Заедничко за нив е што и двајцата ја сакаат Македонија и претежно сликаат прекрасни предели и пејзажи од околината на Кавадарци и Тиквешијата. Заедничата изложба и ја посветија на Биљана Галабова сестрата на Тони Коцев, поранешен кустос во Музеј-галеријата, која ја загуби битката со болеста и не дочека да биде куратор на изложбата. Токму затоа двајцата фотографи по изложбите во Скопје и во Охрид сите свои дела ги подарија на Музеј-галеријата и на градот Кавадарци.

Фото: Приватна архива Коцев

Тони Коцев изминативе две и пол децении графички ги обликува сите публикации, монографии, плакати и постери во Кавадарци. А преку фотографирањето неуморно и посветено ја создава современата хроника на градот. Тој денес поседува најбогата архива која речиси и е непозната за јавноста. На својот град му го подари најубавиот календар „Кавадарци ноќе“ , исто така македонските манастири и старата македонска рурална архитектура биле долг период е негова преокупација, како и пејзажот, а неостварена желба му е серија на портрети на луѓе од културата и уметноста како актери, музичари и уметници од Кавадарци.

Фото: Приватна архива Коцев

Почетоците во студио „Експрес“

– Своите почетоци со фотографијата ги направив во студиото „Експрес“ кај Тони Галабов. Почнав да читам многу стручна литература, да учам од колегите и од дружбата со уметниците, како што беше Ристе Соколов, од кого најмногу научив за естетиката. Токму затоа и одбрав да студирам на факултетот за филмски уметности ЕСРА отсек Филмска и ТВ камера, затоа што професијата снимател по вокација е најблиска, најсродна на фотографијата каде може да се надградуваш. Исто така со голем ентузијазам 2-3 години работев експериментална фотографија и тоа црно бела, која се работи на класичен начин во темна комора. Една таква експериментална фотографија беше наградена на меѓународна изложба во Луксембург – вели Тони Коцев.

Фото: Приватна архива Коцев

Досега Коцев реализирал четири самостојни изложби, а учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство. Негови дела се претставени во: Франција, Шпанија, Србија, Шкотска, САД и во Луксембург. Освен наградата за експериментална фотографија во Луксембург добитник е на наградата за најдобра фотографија на конкурс на КОДАК во САД и на две награди на државни изложби на фотографија. Како снимател и директор на фотографија работел на повеќе документарни и кратки играни филмови, а со докумнтарецот „Писмото ми го донесе шампионот“ дебитираше на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ како директор на фотографија. За него фотографијата е начин на живеење во кој комерцијалната фотографија преку хоби станува уметничка фотографија.

– Повеќето фотографии на оваа изложба се од ист предел односно житните полиња во околината на Градско. Најпрво одбирам локација неколку пати одам да ја набљудувам да го почуствувам просторот рано наутро или доцна попладне во оној таканаречен „златен час’ кога боите се поизразени како и сенките, а проѕирноста поголема. Фотографиите се направени за време на пандемијата. Бегајќи од карантинот ми беше поинтересно да се шетам во околината на Кавадарци и Тиквешијата и да уживам во слободата на движење. Некогаш може да ти се посреќи и да направиш добра фотографија без да ја планираш и да чекаш, во движење но тоа е многу ретко. Најчесто ја ловиш и го чекаш моментот што го посакуваш. Еден период одевме и заедно со мојот внук Ѓорѓи Коцев во околината на Кавадарци, на висорамнината Витач и под Кожув – ни раскажа Тони Коцев.

Фото: Приватна архива Коцев

Минимализмот како опсесија

Ѓорѓи Коцев првиот допир со основите на композицијата ги добива во текот на неговото работење како аниматор и композитинг артист во компанијата за визуелни ефекти „ФХ3Х“ во Скопје. Меѓутоа љубовта кон фотографијата кај него се развива по посетата на фотографската школа „Бресон“ во Кавадарци под раководство на Тони Коцев. Најчесто се насочува кон пејзажот и архитектурата и за себе вели дека неговата фотографија е минималистичка, со долги експозиции кои најчесто може да се насловени како мир, спокој, тишина.

– Првиот контакт со професионален апарат и првите основи за фотографија ги имав со чичко ми Тони Коцев. Во принцип гледам предвереме да ја испланирам фотографијата и долго истражувам. Влегувам во автомобил и возам низ Македонија, најчесто до Велес, Штип и во Тиквешијата и барам нешто со кое можам да ја допрам естетиката која мене ми се допаѓа. Така на пример една моја фотографија направена во Пештани ја чекав цели четири дена. Имам и такви случки кога благодарение на моето претходно истражување, на пример како што се случи на островот Хвар во Хрватска, веднаш ја оставрувам целта бидејќи знам од која локација и во кој дел од денот да сликам. За мене фотографијата е преточување на чуства во нешто видливо. Затоа секогаш со мене ја носам целата опрема било каде да патувам што се гледа и од оваа изложба каде има фотографии и од Брајтон, Франкфурт и од Хрватска – ни раскажа Ѓорѓи Коцев.

Тој искрено верува дека фотографијата и во иднина ќе биде дел од неговиот живот.

Мирјана Мукаетова