Соединетите Американски Држави ја помагаат Црна Гора во изградба на сајбер-просторот за да се заштити од руското влијание и пласирање дезинформации. На сајтот на американската служба „Сајбер команд“ пишува дека нивните службеници работеле со Министерството за одбрана за да изградат капацитети за сајбер-одбрана на црногорскиот интернет-простор, пишува Вијести.ме.
– Оваа соработка им овозможува на тимовите да учат едни од други и тие покажуваат дека нема да толерираат странско малигно влијание на демократските процеси на нашите сојузници и партнери или внатре во САД – пишува во соопштението објавено на сајтот на американската команда.
Од секретаријатот за одбрана на САД за американските медиуми објавија информација дека се почнати информативни операции заедно со владите на Македонија, Црна Гора и Украина, за да се заштитат од руските дезинформации што беа пласирани во текот на националните избори и референдумот.
Од Владата на Црна Гора информираа дека станува збор за соработка во т.н. хибридни закани, но нема официјална потврда дека тие доаѓаат од Русија. Неофицијални извори од Владата на ЦГ за „Вијести“ изјавиле дека станува збор за хибридни закани што доаѓаат со посредство на интернет-страниците, новинарските портали и организации што наводно шират руска пропаганда.
Поради наводните обиди за тероризам на денот на парламентарните избори во Црна Гора во 2016 година беа обвинети 14 лица, а првоосомничени се двајца руски државјани, за кои црногорското обвинителство тврди дека се припадници на руската тајна служба, а меѓу обвинетите се и политички претставници на Демократскиот фронт.
Од Владата на ЦГ соопштуваат дека немаат потпишано посебен договор за ваков вид соработка, туку најголемата воена светска сила помага во рамките на меморандумот што е потпишан од повеќе членки на НАТО.