Шефовите на западните разузнавачки служби предупредуваат дека исламистичките екстремисти, џихадистите и антисемитистите, инспирирани од нападот на Хамас, би можеле да бараат нови начини за напад на западни цели
Шефови на разузнавањето на партнерите на „Петте очи“ – Австралија, Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави – се состанаа на конференција во Калифорнија организирана од ФБИ
Во неколку недели по злосторствата извршени од Хамас во Израел имаше алармантен пораст на терористичките активности во Европа. Шефовите на западните разузнавачки служби предупредуваат дека исламистичките екстремисти, џихадистите и антисемитистите, инспирирани од нападот на Хамас, би можеле да бараат нови начини за напад на западни цели.
Групите поврзани со Ал каеда, Исламската држава и талибанците, кои се распослани низ Европа, Африка, Азија и Блискиот Исток, најверојатно ќе се обидат да ги покажат своите способности за да постигнат поголем публицитет со напади од висок профил и да привлечат регрути, пари, оружје и заштита.
Шефовите на разузнавањето на партнерите на „Петте очи“ – Австралија, Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави – се состанаа минатата недела на конференција во Калифорнија организирана од ФБИ и издадоа заедничко предупредување дека заканата од домашни напади се зголеми како директен резултат на кризата што се развива на Блискиот Исток, пишува „Форин полиси“.
– Гледаме зголемување на пријавените закани, но будноста е зголемена во моментов само поради нестабилната средина на Блискиот Исток и начинот на кој би можело да се појави тоа во САД. Не правете грешка, ова е опасно време – рече Кристофер Вреј, шеф на ФБИ.
Шефовите на разузнавачките организации предупредија дека осамените актери се радикализираат на интернет, а наедно организираните терористички групи и државните актери како Иран, екстремно десничарските и неонацистичките групи би можеле да станат поактивни.
Овие информации се совпаднаа со засилените безбедносни мерки во Европа по серијата инциденти поврзани со исламистичкиот екстремизам. Исламската држава ја презеде одговорноста откако двајца шведски фудбалски навивачи беа убиени во Брисел од маж што подоцна беше застрелан од полицијата, кој наводно бил разгневен од палењето на Куранот во Шведска.
Италијанските власти уапсија двајца мажи обвинети за регрутирање за Исламската држава. Франција распореди војска и го подигна нивото на терористичка закана на „итно“ откако наставник беше избоден до смрт, а тројца други беа повредени од Чеченец, за кого се верува дека е радикален исламист. Во Берлин беа фрлени молотови коктели врз синагога. Стејт департментот на САД издаде предупредување за патување низ целиот свет.
Хамас, кој изврши изненадувачки и успешен напад врз израелските села, засега е на врвот на листата на тероризмот. Оваа организација се придржува до екстремна идеологија, која го спојува исламизмот со палестинскиот национализам, посветен на уништувањето на Израел. Милитантната група е означена како терористичка организација од Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Европската Унија, Австралија, Нов Зеланд и Јапонија.
Сепак, Обединетите нации се воздржаа од класификација како таква. Хамас добива многу средства од Иран, кој исто така им обезбедува воена поддршка. Покрај тоа, Катар обезбедува пари за Газа за енергија и хуманитарна помош, за која некои аналитичари тврдат дека му помага на Хамас да ја одржи својата поддршка меѓу Палестинците во Газа.
Аналитичарите сметаат дека влијанието на талибанците, по нивната победа во Авганистан во 2021 година, ги охрабри екстремистите низ светот. Авганистан повторно стана засолниште за тероризмот, како што беше пред инвазијата на САД во 2001 година. Мохамед Мохек, научник за исламски студии и главен уредник на дневниот весник „Хашт-е-Субх“, изјави дека Авганистан е составен дел од радикалниот исламистичка наратив, чија крајна цел би била „борба во Палестина и отстранување на Израел“.
Тимот за аналитичка поддршка и мониторинг-санкции на Советот за безбедност на ОН идентификува голем број екстремистички групи што се бореле заедно со талибанците и сега уживаат во нивната заштита во Авганистан, вклучувајќи ја и старата Ал каеда, која повторно е активна, раководи со министерства, безбедни куќи и кампови за обука.
Лидерите на Ал каеда и на Хамас беа меѓу првите што им честитаа на талибанците за нивната победа во 2021 година и му ветија верност на врховниот лидер на талибанците, Хаибатула Ахунџада. Авганистанската мировна организација, независна истражувачка организација, објави дека американското оружје оставено во повлекувањето во 2021 година се појавило во Појасот Газа, индискиот регион Кашмир и Пакистан.
Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, пратеникот Мајк Мекол, изјави за Си-ен-ен дека „постојат индиции дека талибанците сакаат да дојдат да го ослободат Ерусалим, да се борат против ционистите“. Се претпоставува дека повеќе од 100 вооружени талибанци веќе се испратени во Газа.
Во Европа повеќето погледи се свртени кон Исламската држава, која беше заеднички именител во многу апсења на екстремисти на континентот во текот на изминатата година. Исламската држава се претвори во ирачки разгранок на Ал каеда во средината на 2000-тите, прогласувајќи калифат на територијата во Ирак и Сирија во 2014 година, додека не беше уништена од заедничките воени операции на САД, Русија и Курдите.
Јужноазиската франшиза, наречена Исламска држава-Провинцијата Хорасан (ИС-К), во голема мера беше протерана од Авганистан од талибанците, кои ја сметаат за стратегиски конкурент и соработуваа со администрацијата на Бајден, наведуваат во текстот на „Форин полиси“, повикувајќи се на безбедносни извори.