Земји од Заливот што сакаат и земји што не сакаат да имаат добри односи со Израел

Војната меѓу Израел и Хамас се заканува да предизвика поширок конфликт, во кој би биле вовлечени и државите од Персискиот Залив, чии економии се во подем и се клучни за глобалните пазари на нафта и гас. Земјите од Заливот се надеваа дека ова ќе биде година на деескалација во регионот. Нивната цел беше да се фокусираат на амбициозните планови за диверзификација на нивните економии. Сега, стариот конфликт во регионот се врати во живот.
За монархијата Катар, која го поддржува Хамас, непосредна цел е самоодржувањето. Наспроти тоа, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), сепак, сакаат да го ослабат Хамас, за да спречат поширока конфронтација со Иран и некако да ја одржат жива својата визија за автократски, но помирен и просперитетен регион. Тоа е деликатен и опасен чин за балансирање, се наведува во анализата на „Економист“.
На 20 октомври американски разурнувач во Црвено Море пресретна крстосувачки ракети што бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, ги испукаа кон Израел. Претседателот на САД, Џо Бајден, рече дека целта на нападот на Хамас е да се спречи мировниот договор меѓу Израел и Саудиска Арабија.
– Јас сакав да седнам на маса со Саудијците, кои сакаа да го признаат Израел – рече Бајден.
По настаните од 7 октомври, Катар, кој наедно е американски сојузник и поддржувач на Хамас, изгледа ранливо. Некои од раководството на Хамас живеат во Доха, главниот град на Катар. Емиратот богат со гас донира до 30 милиони долари месечно за Газа, која е управувана од Хамас. Катар со години им кажуваше на сојузниците дека неговите врски со Хамас се придобивка, која им служеше за да се промовира како соговорник меѓу тие групи и Западот.
Засега, Катар се бори да покаже дека сè уште може да биде корисен за Америка. На 20 октомври Хамас, со посредството на Катар, ослободи двајца од повеќе од 200 заложници што ги зароби за време на нападот на Израел, и двајцата американско-израелски државјани. Врските на Катар со исламистичките групи беа една од причините зошто четири арапски држави воведоа ембарго за патување и трговија на малиот емират во 2017 година. Но, кога ќе се спушти правот од оваа војна, земјата може да биде под поголем американски притисок да ги прекине врските со милитантните групи.
Обединетите Арапски Емирати во 2020 година станаа првата земја од Персискиот Залив што го призна Израел. За разлика од повеќето нејзини соседи, нејзината првична изјава за нападот на 7 октомври беше сочувство со Израел. Водачите во ОАЕ се противат на политичкиот ислам, кој го гледаат како закана, а приватно се остри во критиките кон Хамас.

Неколку часа по експлозијата во арапската болница „Ахли“ во Газа на 17 октомври, ОАЕ им се придружија на другите арапски држави во осудувањето на Израел. Сепак, таквите изјави треба да се сфатат како дипломатски потег, додека врските меѓу двете земји остануваат цврсти.
Саудиска Арабија се обиде да се позиционира на среден курс. Нејзиниот одговор на нападот на Хамас беше споменување на израелските напади од минатото и побара итен прекин на огнот. Но има знаци и дека нејзиниот став е изменет. На 17 октомври Турки бин Фајсал ал Сауд, кој ја водеше разузнавачката служба на кралството од 1979 до 2001 година, чии ставови имаат тежина како поранешен функционер и член на кралското семејство, го осуди Хамас за убиство на цивили и посочи дека тоа е неисламско. Тој исто така го осуди Израел, како за неговото „недискриминирачко бомбардирање“ во Газа овој месец така и за злосторствата од неговата полувековна окупација. Фајсал Ал го спомна и Иран, кој е регионален непријател на Саудиска Арабија и еден од главните поддржувачи на Хамас.
Еден ден подоцна, Ал Арабија, информативен канал во сопственост на Саудиска Арабија, емитуваше остро интервју со Калед Мешал, поранешниот шеф на Хамас. Презентерот на таа телевизија постојано го прашуваше Мешал како може Хамас да очекува поддршка од другите арапски земји откако донесе еднострана одлука да влезе во војна. Истовремено го притисна да го осуди убиството на израелските цивили.
Може да се извлечат три заклучоци за намерите на Саудиска Арабија, забележуваат аналитичарите на „Економист“. Прво, сака да го поткопа влијанието на Хамас. Второ, сака да избегне поширока конфронтација со Иран, како и да се испрати порака дека зближувањето меѓу Саудиска Арабија и Иран сè уште е живо. Двете земји се согласија во март повторно да ги отворат амбасадите. Саудијците се нервозни што регионалната војна може да доведе до напади од Иран, како оној во 2019 година, кој накратко оневозможи половина од неговото производство на нафта.

И на крајот, Саудиска Арабија не ја затвора вратата за нормализација со Израел. Америка помина голем дел од оваа година притискајќи за договор со кој Саудијците би го признале Израел. За возврат, кралството сакаше одбранбен пакт со Америка. Се чинеше дека Саудијците се задоволни да се залагаат за симболични гестови кон Палестинците. Мухамед бин Салман, саудискиот престолонаследник и владетел на земјата, повика на создавање палестинска држава по должината на границите на регионот пред 1967 година. Разговорите со Израел ќе продолжат, иако потивко од претходно, но цената за Израел сега ќе биде повисока.
Сега многу зависи од природата на копнената инвазија на Израел врз Газа: како што се зголемува бројот на цивилни жртви, земјите од Персискиот Залив ќе бидат под зголемен притисок дома и низ арапскиот свет да го осудат Израел и да ги прекинат врските.
Сепак, едно нешто за кое лидерите од Заливот можат да се согласат е дека сакаат војната да заврши, се заклучува во анализата на „Економист“.