Да се има мислење во политиката кај нас води директно во пеколот. Најдобар начин да постигнете успех во политиката е да немате никакво мислење. Ако немате никакво мислење, не ризикувате да имате погрешно мислење. Затоа нѐ водат политичари што не се паметни луѓе, или кажано поинаку, нè водат глупави луѓе. Во Македонија постои култ на незнаење, а изгледа како отсекогаш да постоел. Антиинтелектуализмот е постојана закана што се пробива низ нашиот политички и културен живот, негувана од лажното мислење дека демократијата значи дека „моето незнаење е исто толку добро колку и вашето знаење“. Денешната реакција против интелектуалниот живот не може едноставно да се отпише како популарна прослава на безумноста. Антиинтелектуализмот или отфрлањето на вистината, фактите и науката се во фокусот на власта во последниве седум години. А богами и порано. Накратко, антиинтелектуализмот во Македонија е генерализирана недоверба кон експертите и интелектуалците, општествен став што систематски ги оцрнува фактите засновани на наука. Затоа станавме нација што не им верува на интелектуалците, со што ја изгуби заштитата од политичка манипулација и стана лесна цел за лидерите со лоши намери. Антиинтелектуалниот притисок во Македонија се претвори во арогантен презир кон интелектуалниот авторитет. Земјата се префрли од здрав скептицизам на прифатеното знаење кон гордо, самозадоволно незнаење и активно непријателство кон самата идеја за експертиза. Низ македонското општество, интелектуалниот авторитет е огорчен, отфрлен и игнориран, при што секое мислење има навидум еднаква тежина. И, како што гледам, оваа политичка тактика функционира фантастично добро, гледајќи кој нѐ води во државава.
Секако, централна улога во овој процес има поранешниот лидер на „државотворната партија“, кој со својата нескротлива интелектуална инсуефицијенција стана еден од најистакнатите играчи во движењето против интелектуализмот и потенцијално ја попречи способноста на македонската јавност да знае и да разбере што е вистина, а што не. Заев беше и остана, исто толку симптом, колку и причина за антиинтелектуалното движење и недостигот од интелектуализам во неговото владеење, креирајќи армија политички следбеници – бесрамни лицемери што го поттикнуваат незнаењето затоа што ги жнеат неговите плодови. Прифаќајќи ја карикатурата на антиинтелектуалец не можевме да замислиме какви сѐ промени ќе претрпи државата во време на неговото владеење. Ниту по неговото заминување од политиката, ниту денес, оваа антиинтелектуална армија политичари не ја преиспитаа својата растечка антиинтелектуална пристрасност и нивната рефлексивна аверзија кон интелектуалците. Новата влада на октроираниот премиер продолжувајќи и надградувајќи го антиинтелектуализмот во власта го достигна врвот на новата ера на „алтернативни факти“, „алтернативна реалност“, на занемарување факти, логика, разум и рационалност во политиката. Оваа болест на антиинтелектуализмот со оваа власт се шири како чума последниве години. Само како потсетување: вообичаено, антиинтелектуализмот го користеа тоталитарните влади за да ја задржат јавноста во темнина. Овој факт нуди застрашувачки поглед за тоа колку опасни можат да бидат движењата против факти, антинаука и антивистини. Дали со оваа власт Македонија станува антиинтелектуална империја? Интелектуално изолирана држава, секако.
Антиинтелектуализмот во Македонија раѓа политичка апатија и неписменост, кои, пак, произведуваат неспособно и опасно политичко лидерство. Како ова сегашното. Но, исто така, антиинтелектуализмот произведува и ниско ниво на граѓанска писменост и граѓански ангажман од сè поапатичното граѓанство. Ова бегство од вистината во македонското општество, или антиинтелектуализмот, често е симптом на поголем проблем: многу од оние што се занимаваат со академска и политичка работа го изгубија чувството на обврска да го поврзат она што го прават со секојдневните борби на обичните луѓе. Тоа е последица кога ја потценувате и омаловажувате експертизата во клучните области на општеството. Интелектуалците ги намалија своите стандарди, обезбедувајќи афирмативни „безбедни простори“ наместо нужно непријатни интелектуални предизвици. После се чудиме што добивме политика испразнета од интелектуална сериозност, која кокетира со необразованиот и лесно манипулативен електорат и медиуми гладни за славни личности и скандали.
Доста ни е од власт што не прави разлика помеѓу вистината и лагата, меѓу изјавите поткрепени со докази и изјавите неподдржани со какви било докази. Затоа и лагите не ѝ се туѓи – зашто не ѝ е грижа. Доста ни е од антиинтелектуална власт чии зборови не се инструменти на знаење, туку алатки на манипулација. Единствениот начин да се спречи ваква политичка и културна дезинтеграција на државата кон која нѐ води антиинтелектуалната власт во моментов е да се одбрани и одржи во живот здравиот разум, да се зачува правото на несогласување, да се негува јавна дебата, да се поттикнува размена на идеи, без разлика дали е внатре во академската сфера или надвор од неа. Но она што очајно ни треба е нова власт што ќе биде интелектуална и вистинска независна во расудувањето и истрајноста, чесноста и интегритетот. Само така ќе излеземе од периодот на интелектуален и културен банкрот, зашто антиинтелектуалниот менталитет лесно може да ја однесе државата кон авторитаризам и на крајот диктатура. Пат по кој се движиме во моментов.
Проф. Звонимир Јанкулоски