По повод јубилејот, во Скопје се одржа годишна конференција на темата „Слобода, еднаквост и правда за сите“ во организација на Канцеларијата на ОН во земјава, со фокус на заштитата на човековите права. Сето ова ќе има некаква смисла доколку ОН вистински се придржуваа до Декларацијата за заштита на човековите права наместо само да мавтаат со документот, кој очигледно никој не го почитува. Имено, доколку ОН опстојуваа на Декларацијата за заштита на човековите права, Македонија ќе беше примена во организацијата со уставното име, а македонското малцинство во соседните земји ќе ги уживаше највисоките малцински и човекови права
Во главниот град на Македонија одбележани 75 години од усвојувањето на
Декларацијата за човекови права
Во годината кога се одбележуваат 75 години од усвојувањето на Декларацијата за човекови права на Обединетите нации, Светската организација со својот однос кон Македонија покажа дека кога се во прашање силата и моќта не важат никакви декларации, резолуции, повелби и одлуки, туку се наметнува законот на посилниот.
По повод јубилејот, во Скопје се одржа годишна конференција на темата „Слобода, еднаквост и правда за сите“ во организација на Канцеларијата на ОН во земјава, со фокус на заштитата на човековите права.
Сето ова ќе има некаква смисла доколку ОН вистински се придржуваа до Декларацијата за заштита на човековите права наместо само да мавтаат со документот, кој очигледно никој не го почитува.
Имено, пред 30 години со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, земјава беше примена за 181. полноправна членка на Светската организација, врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН од 7 април 1993 година, со што беше потврден нејзиниот меѓународноправен субјективитет по изразената референдумска волја на македонските граѓани на 8 септември 1991 година за самостојна и независна држава.
Сепак, поради противењето од страна Грција, ОН потклекнаа пред грчките притисоци и не дозволија земјава да се зачлени под нејзиното уставно име Република Македонија, туку приемот беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија, која остана во употреба речиси 20 години. На тој начин ОН го направија преседанот над преседаните погазувајќи го меѓународното право, сопствената повелба и Декларацијата за човекови права, спречувајќи цел еден народ самиот да го одредува името на државата и да се идентификува со него.
Затоа сега крајно лицемерно изгледа одбележувањето на 75-те години од Декларацијата за човекови права бидејќи оние што требаше да се придржуваат до постулатите врз кои беше формирана светската организација, најдрско ги игнорираа.
Загрозени човекови права уште при приемот
Кога веќе се говори за односот на ОН кон Македонија, тој уште на самиот почеток беше воспоставен спротивно на меѓународното право и на повелбата на организацијата. Имено, приемот на новите членки не смее да биде условуван со барање таа да мора да го промени уставното име бидејќи се работи за суверено право над кое ОН не можат да имаат ингеренции.
– Од фактот дека при приемот во членство во ОН на Македонија ѝ се поставени незаконски и без правна основа дополнителни услови, следува дека Македонија неоправдано е доведена во нерамноправна положба во однос на другите држави, како во постапката за прием така и по приемот. На тој начин во однос на Македонија е повреден принципот на „суверена еднаквост“ на државите, содржан во став 1 од членот 2 на повелбата. Бидејќи правниот идентитет на државата е неодвоив дел на нејзината правна личност, следува дека правото на поседување име е инхерентно право на државата (кое таа го стекнува при своето создавање) – појаснува Игор Јанев, професор по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград.
Според него, ОН морале да се придржуваат до сопствената повелба и принципите со кои на секоја држава ѝ се овозможува сама да одбере под кое име ќе се зачлени.
– Од принципот на суверена еднаквост на државите (член 2, став 1 на повелбата) и принципот на неповредивост на правната личност на државата, содржан во „Декларацијата за принципите на меѓународното право што се однесуваат на пријателските односи и соработка меѓy државите, во согласност со повелбата на ОН“, произлегува дека државата има неотуѓиво право на самостоен независен избор на своето име. Според тоа, изборот на името на државата влегува во нејзината строго внатрешна јурисдикција – истакнува Јанев.
Тој додава дека ОН директно го опструирале приемот на земјава под нејзиното уставно име така што вовеле дополнителни услови, кои земјава морала да ги прифати ако сакала да стане дел од светското семејство.
– Со вклучувањето дополнителни услови во резолуциите на Советот за безбедност и Генералното собрание за прием на Македонија во членство на ОН, поврзани со името на Македонија, се повредува ставот 7 од членот 2 на повелбата, со кој се заштитува внатрешната јурисдикција на државата и од самите Обединети нации – наведува Јанев.
Декларацијата за човекови права – мртва буква на хартија?
Дволичниот однос на ОН кон Македонија особено е забележлив и преку игнорантскиот однос на светската организација кон сите форми на погазување на човековите права на Македонците во соседните земји.
Македонското малцинство во Грција продолжува да се бори за почитување на основните човекови права, како правото на образование на мајчин јазик и на негување на идентитетот и културата.
Многу позагрижувачки се состојбите во соседна Бугарија, каде што оваа земја иако е членка на ОН многу години, најмалку ја почитува Декларацијата за човекови права на светската организација. Бугарските политики кон македонското малцинство се познати, но загрижува односот на ОН, кои не преземаат решителни мерки кон оние држави што не постапуваат во согласност со Декларацијата за човекови права.
– ОН се сложен механизам, со силни лоби-групи и ако таму немаме соодветен тим, нема ништо да постигнеме. Грција во Њујорк има стотици лобисти, луѓе што работат во пониските, но и во повисоките оддели на ОН и тие уште во почетокот спречија зачленување на државата под уставното име Република Македонија. Без оглед што тоа беше преседан и спротивно на Повелбата на ОН, успеаја во тоа. Бугарија го прави истото, будно ја следи секоја наша иницијатива и работи на нејзино спречување. Од огромна помош им е и нашата држава, која наместо да испрати квалитетен тим што ќе работи во интерес на земјава во ОН, таму со години немавме претставник, а сега имаме по еден до двајца. Како тогаш очекуваме ОН поинаку да се однесуваат кон нас? Па и таму е борба на интереси и кога немаме луѓе што ќе бараат сојузници, што ќе инсистираат за носење на разни резолуции во наша полза, нема ништо да се случува – велат добро упатени дипломатски извори.
Според нив, ОН ќе продолжи да се однесува некритички и кон Бугарија и кон Грција бидејќи Македонија не знае како да настапува.
– Пред извесно време сите светски државници учествуваа и имаа обраќања на Генералното собрание на ОН. Сите говореа за проблемите што ги имаат нивните земји, нашите политичари говореа за климатски промени, светскиот мир и слично. Ако тие пет минути што ни се дадени не ги искористивме самите да проговориме за нашите проблеми, за погазените човекови права на нашето малцинство во соседството, тогаш зошто да очекуваме од ОН да водат сметка за загрозените човекови права на Македонците во Бугарија, во Грција, во Албанија или каде било – наведуваат дипломатските извори.
Нивно мислење е дека треба повеќе да се работи со разни лоби-групи во рамките на ОН за да се актуализира проблемот со малцинските и основните човекови права на Македонците.