Пронајдена е илегална лабораторија за производство на марихуана, разни видови дрога и пиштол, при претреси на полицијата на четири локации во Скопје, при што приведени се четири лица, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
– При извршен претрес на дом и други простории кај Б.А.(42) пронајдена е илегална лабораторија за одгледување и производство на марихуана, при што се пронајдени 289 саксии со засадени 291 растение канабис, заедно со целокупната опрема за одгледување и производство на марихуана, и тоа: ламби за затоплување и осветлување, филтри и црева за прочистување на воздухот, систем за напојување на енергија, вештачки ѓубрива, систем за наводнување и разни видови на алатки за одржување на лабораторијата. Од страна на полициски службеници сите пронајдени предмети се одземени, Б.А. е лишен од слобода и по документирање на случајот од страна на СВР Скопје ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од Кривичниот законик – се вели во соопштението на МВР.
Во врска со пронајдените над два килограми амфетамин, таблети екстази и кокаин на 10 октомври во оградено место за отпад во Влае, полициски службеници од СВР Скопје, Единица за недозволена трговија со дрога и оружје преземаа опсежни мерки и активности и по спроведена истрага врз основа на обезбедени докази, денеска (23.10.2023) извршен е претрес и во домот на Д.Т.(33). При претресот е пронајден пиштол, а Д.Т. е лишен од слобода и со кривична пријава ќе биде предаден кај Јавен обвинител од ОЈО Скопје.
По претходно спроведена истрага во врска со случајот на пронајден ранец со марихуана и дигитална вага на 11 септември во населба Драчево, во текот на денешниот ден претрес беше извршен и во домот на Д.Р.(31). При претресот се пронајдени се марихуана, дигитална вага и празни опаковки за пакувања на дрога. По документирање на случајот од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од Кривичниот законик, соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.
Од страна на полицијата при претрес извршен со судска наредба во дом и помошни простории кај А.М.(27) и Б.М.(30), бил пронајден хероин. А.М. е приведен и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од Кривичниот законик.