Се одбележуваат 16 години од смртта на големата музичка ѕвезда
Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред шеснаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Предвидено е со црвени рози крушевчани денеска напладне да ги пречекаат маратонците кои традиционално трчаат до Гумење во Крушево во чест на македонската и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески. Маратонците тргнаа од Нова Градишка, а предвидено е да се поклонат пред вечното почивалиште на Проески на Гумење во Крушево. Тоа е традиција што ја воспоставија учениците од средното крушевско училиште „Наум Наумоски – Борче“.
Спомен-куќата на Тоше на Гумење ги пречекува бројните посетители и обожаватели кои и годинава ги има од сите краишта.
– 16 октомври е ден кој носи многу тага, солзи и неверување за сите кои го познававме, го сакавме и се уште го почитуваме. Во спомен-куќата ќе биде претставена Тактилната изложба на музејски предмети, со објаснување со Брајовото писмо. На овој начин, на денот кога пред суровата реалност затвораме очи, пред фактот дека Тоше го нема, заедно со слепите лица ќе имаме можност да ги допреме, тактилно, неговиот лик, неговиот манастир, неговите гитари и многу други музејски предмети, дел од поставката во спомен-куќата – вели директорката на Спомен-куќата „Тодор Проески“, Лефкија Гажоска.
Во спомен-куќата, која е најпосетуваниот музеј откако е изграден во 2011 година, ќе биде презентирано и видео на знаковен јазик и ќе биде поставено на веб-страницата на спомен-куќата.
Животот на Тоше згасна во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.